Седумдесет милиони евра ќе им бидат распределени на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа. Со оваа директна помош Владата ќе овозможи сите општини да се стекнат со можност да добијат од 500.000 до 2 милиони евра, во зависност од проектот со кој ќе аплицираат.
Ова беше денеска истакнато на свечената церемонија на потпишување на меморандумот за соработка со сите општини и Град Скопје.
Премиерот, Оливер Спасовски, истакна дека со овој настан се отпочнува процес за една голема сезона на изградба и ревитализација на локалната патна инфраструктура ширум нашата земја.
„Оваа Влада покажа цврсто определеност да овозможи рамномерен регионален развој и еднакви можности за квалитетен живот за сите наши граѓани, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Токму затоа го покренавме овој проект за „Изградба и рехабилитација на локални патишта”, а за неговата оправданост и неопходност говори и самиот факт, дека Светска банка ни одобри заем во висина од 70 милиони евра. Во изминатите две и пол години Владата покажа дека се грижи за граѓаните, а прикажа и цврста определеност да ја поддржи локалната заедница“, нагласи премиерот Спасовски.
Министер за транспорт и врски, Горан Сугарески информираше дека со проектот е предвидена изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри.
„Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериуми земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површина на општината и бројот на регистрирани моторни возила во општината. Според вака утврдената методологија, на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади евра до 2 милиони евра и тоа зависно од висината на спомнатите критериум“, наведе министерот Сугарески.
Тој информираше дека со проектот посебен акцент ќе се стави на зајакнување на капацитетите на општинската администрација, но и на општествената одговорност преку времено вработување, учество во обуки и преквалификација на жени.