Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес оствари средба со Каетана де Зулуета Овтрам, шефица на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентари избори во земјава.
На средбата, министерот Димитров истакна дека надлежните институции ги преземаат сите потребни активности за спроведување на фер и демократски избори, на линија на европските стандарди и практики. Во функција на оваа цел, министерот Димитров ја запозна соговорничката со последните измени на законската регулатива, согласно препораките на ОДИХР кои претставуваат смерница за дополнително уредување на изборната рамка во согласност со меѓународните изборни стандарди.
МНР Димитров: „Одржувањето парламентарни избори во согласност со меѓународните изборни стандарди, се основен столб на демократија и владеењето на правото во земјата. Ова покажува демократски капацитет и зрелост на државата и пред сè на нејзините граѓани и е особено важно во тековниот контекст на европските стратешки цели на земјата. Тоа е национален приорет.”
Шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР Каетана де Зулуета се заблагодари за навремената покана со која беше овозможено отпочнување на процесот за набљудување на предвремените избори, како и за конструктивната соработка во текот на претходните избори. Притоа, го истакна очекувањето дека и овие избори ќе бидат демократски и фер и дека ќе бидат потврда на заложбите на Република Северна Македонија не само во контекст на ОБСЕ, туку и во контекст на европската интеграција.