На штотуку завршениот Берлински Филмски Фестивал, романската копродукција „Малмкрог“ на Кристи Пују, ја освои наградата за режија во новосоздадената селекција “Encounters”.
Во селекцијата се натпреваруваа 15 филмски остварувања и тричленото жири додели три награди, а една од нив му припатна на Кристи Пују.
„Кристи Пују е несомнено еден од најзначајните европски автори и да се биде дел од ваква една копродукција е успех и за македонската кинематографија. Агенцијата за филм и овој пат го препозна исклучителното сценарио и секогаш интересниот визуелен пристап на овој автор и овозможи Македонија да биде дел од овој проект и повторно да се приклучиме на врвните филмски текови“, велат од продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски
На премиерата во Берлин на 21 Феб присуствуваше и Министерот за култура Хусни Исмаили.
Филмот беше најавуван во официјалното соопштение од Берлиналето како „патување низ времето и мислите, кој фасцинира со прецизност и инвентивност“. Толку смел во авторскиот пристап, што граничи со експерментален филм, всушност “Малмкрог” е три и пол часовен мастер клас по режија.
Филмот е копродукција помеѓу Романија, Србија, Швајцарија, Шведска, Босна и Северна Македонија. Главен продуцент е Мандагора од Романија.