Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој е во работна посета на земјава.
Вицепремиерот Османи, соопштија од Секретаријатот за европски прашања, најнапред изрази благодарност до министерот Грлиќ Радман за активниот пристап на Хрватска по преземањето на претседателството со ЕУ, во однос на нивните заложби за промоција и интензивирање на европските перспективи на целиот Балкан, упатувајќи притоа благодарност и за личниот ангажман на премиерот Пленковиќ за интензивирање на процесот на проширување.
– Ми причинува особено задоволство што денешната посета на министерот Грлиќ Радман се совпадна со објавувањето на предвремениот Извештај за напредокот и состојбите во Република Северна Македонија, во кој уште еднаш е потврдена препораката од минатата година за почеток на преговорите, истакна Османи нагласувајќи притоа дека по објавувањето на новата методологија за проширување на почетокот од минатиот месец, ова е втор клучен момент по октомврискиот самит, кои на голема врата ја враќаат довербата во европските интеграции и го отвораат патот за одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите со Република Северна Македонија уште оваа пролет.
Според Османи, извештајот ја покажува довербата на ЕК за нашата потготвеност и потврда за сработеното, односно дека земјава се движи во правилна насока.
– Објавувањето на денешниот извештај за напредокот, покажува дека довербата на Европската Комисија за нашата подготвеност не само што ја задржавме, туку и ја зголемивме, што е од исклучителна важност не само за нас, туку и за земјите – членки, а претставува и потврда за нашата работа и вистински показател дека земјава се движи во правилна насока, додаде Османи.
Двајцата соговорници за време на разговорот заеднички упатија уверување дека претстојниот мајски Самит на ЕУ во Загреб посветен на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе биде успешен, имајќи ја предвид историска важност во однос на зацврстување на вниманието на ЕУ кон регионот, како место каде ќе се постават темелите за долгорочна соработка помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, стои во соопштението.