Во Тунис денеска е потврден првиот случај на новиот коронавирус, соопшти министерот за здравство Абделатиф ал-Маки. Во Саудиска Арабија исто така е регистриран првиот случај на пациент заразен со новиот коронавирус.
Лицето заразено со вирусот дошло од Иран преку Бахреин.
Портпаролот на саудиското Министерство за здравство вчера соопшти дека земјата подготвила 25 болници во случај да се потврди случај на Ковид-19.
Низ цела Африка се преземаат чекори за да се спречи ширењето на новиот коронавирус. Лабораториите се снабдени со потребните медицински материјали, а болниците се подготвени за пациенти кои би требало да бидат во карантин, јавија локалните медиуми.
На континентот со 1,2 милијарди луѓе, досега се потврдени шест случаи на Ковид-19 од кои три во Алжир, два во Египет и еден во Нигерија.
Светската здравствена организација соопшти дека 13 од 54 африкански земји се потенцијално ризични за ширење на вирусот врз основа на обемот на патниот сообраќај и слабиот медицински надзор.