Последниот случај на вознемирување, навреди и онлајн притисоци врз новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс, од лице вработено во Царинската управа на Македонија, е уште еден показател на тенденциите за попречување на работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес. Ваквите инциденти и непријателскиот амбиент што го предизвикуваат се директен напад врз слободата на изразување, а во случајов уште позагрижувачки е што новинарката е мета на напад и како вработена во медиум и како жена.
За Советот за етика во медиумите на Македонија е целосно неприфатливо на каков било начин да се попречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од секакви закани и притисоци. Притисоците врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на којшто новинарите ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за коишто известуваат и начинот на којшто ќе обработуваат прашања од јавен интерес.
Апелираме до институциите да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на ваквите инциденти. Решавањето на случаите од овој вид ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на притисоци врз медиумите.