Шкријељ: Нова градинка и во Лозово, овозможуваме еднакви можности за секое дете

Лозово ќе добие нова градинка. Со цел да го прошири пристапот и да го зголеми квалитетот на предучилишните услуги, Министерството за труд и социјална политика обезбеди  9,8 милиони денари за градежни работи  и 1,5 милиони денари за опрема за новата градинка. Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Лозово Ацо Велковски направија увид во градежните активности.
„Сите граѓани заслужуваат достоинствен живот. Во изминатиов 2,5 годишен период покажавме грижа посебно за руралните средини, кои долго време беа запоставени. Со изградба на новата градинка во Лозово, како Влада и Министерство за труд и социјална политика покажуваме дека ниту едно дете не е заборавено“, изјави Шкријељ. Според градоначалникот на Лозово, Велковски, новата градинка  ќе замени објект стар 50 години.
“Со тоа го решаваме долгогодишниот проблем и ги подобруваме условите за работа и згрижување на децата од предучилишна возраст”, рече градоначалникот Велковски.
Градинката ќе биде завршена за 8 месеци. Дополнителната заменик министерка Шкријељ додаде дека цел на интензивната инвестициона активност во објекти за предучилишни услуги е да се обезбедат еднакви можности како за децата од урбаните така и од руралните средини.
“Раното учење и раниот детски развој ни се многу важни. Затоа посветено работиме на зголемување на пристапот на децата до предучилишно образование, со можност за учење соодветно на возраста, каде детето е во центарот на вниманието. Активностите поврзани со инфраструктура се еден дел од процесот. Истовремено, го подобруваме и квалитетот на воспитно-образовниот процес во градинките, преку современи програми. Ги зголемивме и платите кај воспитувачките и негувателките за 26%, и се ова е инвестиција во квалитетот на предучилишното образование“, укажа Шкријељ.
За реконструкција, опремување и изградба на детски градинки во буџетот на МТСП за 2020 година издвоени се 105 милиони денари и дополнителни 15 милиони евра со помош од Светска банка.
Во рамки на општинската зграда во Лозово веќе функционира Канцеларијата за социјални работи. Жителите на Лозово веќе не се принудени да одат до Свети Николе за да поднесат барање за социјална помош или друго право и услуга од социјална заштита. За сите нивни потреби секојдневно во Канцеларијата во Лозово, има стручен работник што ги прима барањата и ги советува.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави