Националниот координатор за интеграција во Европската Унија, Берлински процес и регионална соработка, Бојан Маричиќ на прес-конференција информираше за најважните поенти од Извештајот на Европската Комисија за напредокот на нашата земја, во кој се констатира значителен напредок во спроведените реформи и уште еднаш му препорачува на Советот да се отворат преговори со Република Северна Македонија.
Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на националниот координатор за интеграција во Европската Унија, Берлински процес и регионална соработка, Бојан Маричиќ во целост:
Овој извештај е надополнување на минатогодишниот извештај и ги потврдува нашите напори за правење реформи и гарантирање на одржливи и опипливи резултати во клучните области. Потврдени се успесите во сите клучни области кои беа зададени како задачи од Европскиот совет во јуни 2018 година, а особено тоа важи за судството. Во тој дел, извештајот посочува за „значителен напредок остварен при зајакнувањето на независноста на судството”, а притоа се повикува на други релевантни извештаи и оценки од областа.
Извештајот нотира и „засиленото темпо на имплементација на реформите предвидени со Стратегијата за реформа на правосудството што претставува и адресирање на „Итните реформски приоритети” уште од Извештајот на Прибе, а наведува и повеќе усвоени измени и дополнувања, или пак усвојување на целосно нови закони кои произлегуваат од оваа стратегија.
Во таа насока е и носењето на Законот за Јавно обвинителство за што во Извештајот има посебен дел каде што е наведено дека целта на новиот закон, меѓу другото, е да обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање, до правосилна судска пресуда, на случаите кои ги отпочна Специјалното јавно обвинителство.
Како добра пракса, Извештајот на Европската Комисија го нотира и разрешувањето на шест судии, вклучувајќи го тука и поранешниот претседател на Кривичен суд во Скопје, односно на одземањето на имунитетот на еден судија на Управен суд.
Во однос на втората област, Реформи во службите за безбедност и разузнавање, извештајот зборува најпрвин за реформите во секторот за безбедност и разузнавање каде посочува на новиот закон и на воспоставувањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) односно Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Притоа, извештајот прави разлика помеѓу стариот систем на работа, кога функционираше УБК и денешната АНБ, и посочува на зајакнатиот надзорен капацитет на овие служби, но и на собранието кон овие служби.
Во третата област, Извештајот се осврнува на реформите на јавната администрација и посочува на активностите за подобрување на транспарентноста и отчетноста на администрацијата, како и на напорите за дигитализација и поедноставувањето на пристапот на граѓаните до администрацијата, како и обезбедување на основните услуги.
Исто така, она што е важно за овој извештај е тоа што на неколку места во клучните области на правосудство и на борба против криминалот и корупцијата, посочува дека имплементацијата, односно track record-от, поточно опипливите резултати во борба против корупцијата и зајакнување на судството бележат напредок и тоа го констатира дека во овој извештај се констатира многу повеќе од донесување на закони и усвојување на закони.
Почитувани,
Овој Извештај е уште една потврда за нашата посветеност на реформите кои се важни за државата и за иднината на нашата земја во Европската Унија.
Потврдени се успесите во сѐ, а особено во делот на правдата и владеењето на правото.
Затоа, со право, Комисијата уште еднаш препорача отворање на преговорите со Северна Македонија во пакетот за проширување од 2019 година.
Како Влада, како држава, како институции, сторивме се, ама буквално се, за да ги исполниме потребните реформи и тоа го остваривме.
Сега на ред е Советот на Европската Унија и Европскиот Совет, кои треба да го има предвид овој Извештај и методологијата што беше донесена, и да ги отвори преговорите за членство со нашата земја.
Со право очекуваме онаа стратешката грешка која што беше направена во октомври 2019 година да биде исправена и што поскоро Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членството во ЕУ.