Нивото на ризик од новиот коронавирус во Европската унија се зголеми од „умерено” на „високо”, потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа објави соопштение во момент кога болеста се шири во поголемиот дел од Западна Европа.
– Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти денеска дека нивото на ризик се зголеми од „умерено” на „високо” за луѓето во Европската унија. Со други зборови, вирусот продолжува да се шири, истакна Фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел.
Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес истакна дека во 18 земји од ЕУ со коронавирус се заразени 2.100 лица. Таа нагласи дека 38 државјани на земјите од Унијата починале од последици на коронавирусот.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон изјави дека засега нема најави оти државите на ЕУ ќе бараат воведување контрола на границите поради Ковид-19.