Минимална плата во Македонија- проблем без соодветно решение!

Кристијан Кожески

Платите на работниците во Македонија повторно станаа актуелна тема меѓу политичарите, академската јавност, како и предмет за разговор меѓу граѓаните. Како во претходниот период, веројатно и во  периодов што следи граѓаните повторно ќе бидат “оптоварувани” со теми поврзани со законската минимална плата и растот на платите воопшто. Иако системот на минимална плата беше воспоставен во 2012 година, повторно започна да биде предмет на политичките препукувања и “додворување” на граѓаните за време на парламентарните избори во 2016 година.

Според мене оваа тема од страна на претставниците на  политичките партии беше  “лансирана” во јавноста крајно неумешно и тенденциозно, односно премногу оптимистички, без да биде проследена со соодвени анализи за ефектите и последиците врз пазарот на труд. Дозволете ми да констатирам дека претставниците на политичките партии направија “почетничка” грешка и го истакнаа проблемот околу системот на минимална плата без притоа да понудат  соодветни решенија за истиот.

Околу оваа тема во повеќе наврати сум елаборирал, особено  за поставеноста на системот на минималната плата, ефектите од промената на нивото на законската минимална плата, ефектот врз платите над минималната плата, како и поставеноста на еден унифициран систем на минималната плата на целата територија којашто се карактеризира со големи диспропорции во развојот помеѓу регионите.

Тука сметам за корисно да напоменам дека ефектите од мерките и политиките врз економските текови и процеси се со одреден степен на задоцнување, т.е покрај нивното моментално дејство, резултатите од тие мерки иако со намален интензитет, се видливи после одреден период.

Во овој текст ќе се задржам на три полиња на интерес кои ги засегаат граѓаните, а се поврзани со промените во законската минимална плата, тоа се  односот на минималната плата и просечната плата, продуктивноста на трудот и промената во структурата на пазарот како последица од законската минимална плата. Иако сметам дека првите две области се прилично познати во јавноста, имам чувство дека се  креира некомплетна, т.е. помалку или повеќе искривена слика за реалната состојба на пазарот на трудот.

Прво, од аспект на соодносот на законската минимална плата и просечната месечна нето плата исплатена по работник во Македонија, тој сооднос во моментов изнесува околу 58%. Кога се анализираат трендовите во ЕУ, треба да се констатира дека има и конкретни препораки, овој сооднос во земјите од ЕУ да достигне и до 60%. Тука треба да се констатира дека доколку се анализираат земјите од ЕУ каде што синдикалната организираност е на високо ниво, продуктивноста на трудот и ефикасноста на компаниите е на задоволително ниво тогаш зголемувањето на законската минимална плата може да доведе и до позитивни движења. Сепак на случајот на македонската економија ваквата пропорција сметам дека во најмала рака е дискутабилна и треба да се земе со “резерва”. Тргнувајќи од големите разлики во развојот на одделните плански региони, како и ниската ефективност на одделни индустрии (пред се текстилната и кожарската) сметам дека во вакви услови упросечувањето на нето месечните примања е нерелевантно. Ваквата пропорција на ниво на одделни индустрии и во одделни региони надминува 85% односно75% во одделни плански региони.

Второ, од аспект на промената на пазарната структура како последица од законската минимална плата. Треба да се истакне дека во трудоинтензивните индустрии (пред се тука мислам на текстилната индустрија), платите на работниците зафаќаат најголем дел од трошоците за производство. Зголемувањето на платите е директно вклучено во цената на финалните производи што директно влијае врз куповната моќ и одлуката на купувачите за купување на производите. Едноставно, економскиот потенцијал на одделните региони и ниската ефективност на фирмите во одделни сектори доведуваат до тоа да нископлатените работници станат „поскапи” за износот на зголемената минимална плата. Ваквите ефекти се далеку повисоки во трудо – интензивните индустрии. Големите фирми кои имаат можност  за економија на обем-намалувањето на трошоците по единица производ т.е. да произведуваат поголема количина на производи и да ги продаваат по попристапни цени ќе го зголемат своето пазарно учество за сметка на малите фирми кои како последица на зголемените трошоци на производство ја губат својата конкурентна позиција на пазарот. Оваа појава е истражувана на примерот на Германската економија, каде што неколку години после воведувањето на законската минимална плата, во регионите каде што таа зафаќа релативно поголем дел од просечната плата доаѓа до “згаснување” на микро бизнисите кои имаат од 2 до 3 вработени, со што директно се менува пазарната структура.

На крај, предлагам да се вратиме на почетокот, сметам дека правиме суштинска грешка во одредувањето на причинско – последичните врски. Ниските плати во македонското стопанство не се причина, туку последица на ниската продуктивност на трудот, примената на застарени технологии во процесот на производство и ниското ниво на ефикасност на фирмите. Со вештачкиот притисок врз законската минимална плата, се прави директен обид за “лечење” врз последицата, додека проблемот останува, дури и се продлабочува. Единствено, зголемената продуктивноста на трудот овозможува потенцијал за зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард на луѓето. Со други зборови зголемувањето на продуктивноста на трудот, единствено овозможува зголемување на “колачот” кој е предмет на распределба во економијата, кога колачот не се зголемува борбата околу “парчињата” сѐ повеќе се интензивира. Сметам дека носителите на економската политика во последните 10-тина години не го “положија” испитот за овозможување услови за стабилен и одржлив економски раст, односно дека економските мерки даваат потпросечни и на среден и долг рок неодржливи резултати. Идните мерки не треба да продолжат со “лечење” на последиците, туку треба сериозно да се фокусираат на подобрувањето на квалитетот на трудот, зголемување на квалитетот на техничко – технолошките иновации, и значајно подобрување на  инвестициите во образованието, затоа што нема (или мене не ми е позната) друга формула за подобрување на квалитетот на трудот.

Доколку ставовите во оваа колумна ги прифатите со “резерва” тогаш сте сосема во право, процесите во економијата се далеку покомплексни и подинамични за да бидат во целост покриени со “два – три збора”, од друга страна доколку за момент успеав да ги доближам ефектите и релациите на платите и пазарот на труд, тогаш овој текст ја исполнил својата цел.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави