Косовскиот премиер Албин Курти, по повод денешната информација дека Сиера Леоне го повлекла признавањето на независноста на Косово, оцени дека, наспроти неговата изразена волја со укинувањето на таксата на увозот на суровини од Србија да создаде услови за обнова на дијалогот и градење конструктивни односи, „српската Влада одговара со интензивирање на кампањата за поблекување на признавањата на Косово”.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти преку својата страница на Фејсбук ја повика Србија „да ја запре оваа офанзива и да се откаже од деструктивните политики кон Косово и неговата државност”.
– Исто така, ќе барам од релевантните меѓународни фактори, во прв ред од САД и Европската унија, како посредници во процесот на дијалогот, да го зголемат притисокот врз Србија за да ја прекине непријателската политика кон Косово, напиша Курти.
Тој вели дека како премиер на Косово внимателно ќе ја разгледа новосоздадената ситуација и ќе дејствува согласно интересите на државата и нејзините граѓани.
– Ние кажавме јасно дека ја имаме волјата за коректни и нормални односи со Србија. Меѓутоа не можеме да дозволиме нашата волја да се злоупотребува, порача Курти.



