МЗТ Скопје му врачи отказ на Џабари Хиндс поради неспортско однесување

Поради неспортско однесување и омаловажување на клубот и на македонската кошарка во целост,МЗТ Скопје му врачи отказ на Џабари Хиндс.

Хиндс добро ја почна сезоната, но во последниот период почнал да се однесува непрофесионално. Трпението кулминира со неговото  потценување на домашното првенство и гласното негодување секогаш кога требаше да понесе одговорност на натпреварите од Првата лига. Хиндс на последните пет средби на домашна сцена постигна вкупно 20 поени или четири поени во просек, што е само доказ за неговото незалагање на овие натпревари.

„МЗТ Скопје Аеродром никогаш нема да дозволи индивидуалец да биде пред доброто на целата екипа, особено не кога кога тој не го цени значењето на сино-белиот дрес, во кој многу далеку подобри кошаркари пред него пролеале тони пот и го оставиле срцето на терен.

Поради сето ова, заедно со повеќекратното излегување во ноќен живот на ден пред средбите, управата на клубот во договор со стручниот штаб реши да ја прекине соработката со американскиот интернационалец. Веќе се разгледуваат опции околу ангажирање на негова соодветна замена, со цел составот од Аеродром да биде адекватно пополнет за сите позиции за вториот дел од сезоната“, се вели во соопштението на шампионот.

МЗТ Скопје  по неделната победа над вечниот ривал Работнички води на првенствената табела по 15 одиграни натпревари.

Треба да знаете
Последни објави