Денес и утре, министрите за надворешни работи на Република Полска – Јацек Чапутович, Република Латвија – Едгарс Ринкевич, Република Литванија – Линас Линкевичиус и заменик министерот за европски прашања на Естонија – Март Волмер, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, ќе бидат во посета на земјава.
Посетата се случува во пресрет на дискусиите во Советот за општи работи на ЕУ за носење на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Во рамки на посетата, утре предвидена е и нивна средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на која меѓу другото ќе има можност да ги извести соговорниците за наодите на Европската комисија во привремениот извештај од 2 март, со којшто се констатира дека Северна Македонија ги зголемила напорите и испорачала натамошни суштествени и одржливи резултати во клучните области идентификувани од страна на Советот на ЕУ во заклучоци од јуни 2018 година, притоа потврдувајќи ја како важечка препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ.



