Здруженијата на новинарите и уредниците (СДЈ и СДР) на „новинскиот” пол на Лагардере (Пари Мач, Ле Журнал ди диманш и Европа 1), изразија загриженост за последиците за кредибилитетот на овие медиуми со влегувањето на Никола Саркози во надзорниот одбор на групата, јави дописникот на МИА.
-Во контекст на широко распространета недоверба во медиумите и сомневањата за нивна близина со политичките лидери, ние сме загрижени за ризикот што го претставува ова назначување за нашиот кредибилитет, напишаа тие во заедничкото соопштение.
-СДР и СДЈ на трите редакции заедно и силно ја потврдуваат својата приврзаност кон уредувачката независност и нивната будност во работата со информациите без никаков притисок “, додаваат овие организации.
Групата за издаваштво и дистрибуција Лагардер на крајот на февруари објави дека со „едногласна” одлука е кооптиран поранешниот претседател Никола Саркози и екс-шефот на СНЦФ (Државната железнива) Гијом Пепи во својот надзорен одбор. Доаѓањето на овие две личности, блиску до интересите на првиот акционер на групата, суверениот фонд на Катар, е дел од офанзивата на Арно Лагардер за зајакнување на неговата контрола над компанијата, соочувајќи се со критики од активистички фонд Амбер Капитал кој бара промени во управувањето со групата.