Поранешната потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски денеска коментираше во врска со случувањата во „Рекет“ и вчерашното повлекување на нејзиниот сопруг Јовче Ременски од листата на сведоци на одбраната на Бојан Јовановски, објави „Фокус“.
-Вчера во текот на следењето на медиумското информирање за рочиштето за Рекет видов хиперпродукција на информации, некои тековно беа менувани и корегирани, со многу невистини и шпекулации. Дури и според некои написи и јас требаше да се појавам на рочиштето во Кривичниот суд. Јас кажав дека не е проверена и не е точна информација дека мојот сопруг ќе биде сведок во Рекет, бидејќи и согласно Законот јасно се прецизира кој може да биде сведок, а тоа е лице кое на директен или индиректен начин може да посведочи за елементи од кривично правен настан. И јас и моето семејство немаме никаква директна поврзаност со семејството Камчеви и со случајот Рекет, за да би можеле да бидеме сведоци во еден ваков случај. Но индикативен беше начинот како медиумите го пренесоа тоа ‚ сопругот на Фросина Ременски обвинета во случајот Меѓународен сојуз’, а изостана, да кажеме интересот, или можеби, следењето на истата логика да се каже дека јатрвата на Радмила Шекеринска вчера сведочеше во Рекет 1, така што тука го гледам навивачкото медиумско експлоатирање на информациите или медиумска некоректност, бидејќи, ако веќе се ставаат епитети, коректно е барем да се ставаат до крај, рече Ременски.