СДСМ се пофали со порастот на платите, но заборави да го пресмета порастот на трошоците за живот, со оглед на тоа што, како што расте платата, така расте и инфлацијата во една економија, истакна професорот Трајко Славески кој гостуваше во „Топ тема“ на телевизија Телма.
-Платата не можете да ја таргетирате, може и повеќе да расте. Ако создадеме услови економијата да расте побрзо со политиките, побрзо ќе расте и платата. Плата во номинален износ и тоа во денари да ја таргетирате е бесмислено. Знаете зошто е безмислено? Ако ги пресметаме трошоците за живот во реални износи, нели реалната плата зависи од трошоците за живот, истакна Славески.
Toj најавува дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да се врзува со апсолутни бројки за порастот на платата, туку истата ќе расте за 5 проценти на годишно ниво.
-Ние ветуваме 5 проценти просечен годишен раст, не се врзуваме за номинален износ. Значи внимавајте едно е да земете просек за месец друго е да земете просек за година. Kога ќе вродат со плод политиките на ВМРО-ДПМНЕ, платата може да расте и повеќе од ветеното. Во однос на апсолутните бројки како што ветуваше СДСМ, претходно 500 евра и сега 600 евра, тоа е бесмислено, рече Славески.