Нов Зеланд ги засили полициските патроли близу џамиите по заканите на Интернет

Полицијата на Нов Зеланд ги засили патролите во близина на џамиите Ал Нор и Линвуд во градот Крајстчрч, кои беа нападнати минатата година, откако претходно неделава на Интернет се појави фотографија од маскиран човек кој им се заканува на верниците пред џамијата, пренесува „Спутник“.

„Полицијата знае дека голем број луѓе споделуваат фотографија од џамијата Ал Нор, првично објавена на социјалните медиуми, што предизвика значителна вознемиреност кај припадниците на нашата заедница. За ваков вид фотографии нема место на Нов Зеланд“, изјави полицискиот командир на округот Кантербери, Џон Прајс.

Според Прајс, полицајците уапсиле 19-годишно момче во врска со инцидентот. Фотографиите биле испратени до главниот цензор Дејвид Шанкс за да провери дали треба да се класифицираат како неприфатлив материјал. Во тој случај, споделувањето на фотографијата преку Интернет ќе биде казниво дело со предвидена казна до 14 години затвор.

Веста доаѓа речиси една година откако насилниот напад врз муслиманите однесе 51 животи што ја потресе земјата и беше најтешкиот напад во историјата на Нов Зеланд.

Пукањето во Крајстчрч, кое се случи на 15 март 2019 година, беше пренесувано на Фејсбук од страна на сторителот Брентон Тариф. Пред инцидентот, тој објави и манифест на 73 страници во кој ги детализира неговите планови и мотиви.

Треба да знаете
Последни објави