Џејсон Стејтам се откажа од филмот на Кевин Харт неколку недели пред снимањето

Неодамна го заврши снимањето во филмот на Гај Ричи, Cash Truck („Камион со пари“), a сега требаше да глуми со Кевин Харт во акционата комедија The Man From Toronto („Човекот од Торонто“).

Но во вторникот, порталот „Дедлајн.ком“ објави дека Џејсон Стејтам го напушта филмот во режија на Патрик Хјуз – режисерот на The Expendables 3 („Платеници 3“) – во кој глумеше и Стејтам.

Одлуката на британскиот актер доаѓа само неколку недели пред почетокот на снимањето на филмот, пренесува порталот.

Не се знае точно зошто Стејтам одлучи да го напушти проектот иако се чини дека немало цврст договор.

Како и да е, извор за порталот Deadline.com изјави дека Стејтам имал креативни проблеми со продукцијата, во врска со препораката за возрасна категорија на гледачите. Имено, тој сакал филмот да биде оценет R- несоодветен за деца под 17 години, а „Сони Пикчрс“ претпочитал препорака PG-13 односно несоодветен за деца под 13 години.

„Човекот од Торонто“ се концентрира на најопасниот платен убиец во светот и њујоршки измамник, и заблуда во врска со нивниот идентитет додека престојуваат во куќа изнајмена преку „Ербнб“.

Во моментов се прават напори да се најде замена за Стејтам, додека Харт останува во филмот. „Човекот од Торонто“ ќе почне да се прикажува во ноември.

 

Треба да знаете
Последни објави