Германец на 33-годишна возраст можеби е првиот Европеец кој бил заразен со новиот коронавирус и тој го пренел на други жители на европските земји, пишува „Гардијан“, повикувајќи се текст на италијанскиот весник „„Кориере дела сера“, а кои, пак, се повикуваат на писмо на германски лекари, кое го пренесе списанието „Њу Ингланд џурнал оф медисин“.
Според лекарите, „осомничениот“ на 24 јануари имал респираторни симптоми, болки во грлото и градите со температура 39,1 степени, а кога му изгледало дека неговата здравствена состојба се поправила се вратил на работа на 27 јануари.
Лекарите утврдиле дека тој претходно бил на состанок во Минхен на кој присуствувала и негова колешка од Шангај која престојувала во Германија од 19 до 22 јануари. За време на престојот во Германија таа немала никакви симптоми, но по враќањето во Кина започнала да се чувствува полошо, а на 26 јануари е потврдено дека е заразена со коронавирусот.
Жената ги информирала германските партнери, кои потоа се тестирани за коронавирус, а кај 33-годишниот маж е потврден првиот случај на заразата. По него, уште тројца Германци кои присуствувале на состанокот со партнерката од Шангај биле позитивни на коронавирусот.
Сите пројавиле благи симптоми на болеста.
Во текстот се напоменува дека во овој случај инфекцијата се пренела кога симптомите биле многу благи и неспецифични.
Германските лекари затоа предупредуваат дека вирусот во големи количини се наоѓа во плунката на човекот и во периодот на неговото опоравување, што претставува проблем за пренесување на вирусот и по престанувањето на симптомите.
„Фактот дека инфекцијата може да биде присутна во организмот и откако симптомите ќе исчезнат веќе е познато“, потврдува Волтер Ричарди, претставник на Извршниот одбор на СЗО.
Инфектолозите истакнуваат дека поради тоа е многу важен надзор над пациентите кои се отпуштени по хоспитализацијата и препорачуваат редовно да им се зема брис и по нивното отпуштање.