Македонија и Косово најверојатно ќе играат пред празни трибини во Скопје

Полуфиналниот натпревар од фудбалската Лига на нации меѓу Македонија и Косово, кој може да ги донесе двете репрезентации на само еден чекор до историски настап на завршницата на ЕП-2020, бидејќи победникот ќе игра во финалниот решавачки меч со подобриот од дуелот Белорусија – Грузија, можно е на 26 март во Скопје да се одигра пред празни трибини. Иако ФФМ ги пушти влезниците во продажба, сепак голема е веројатноста поради заканите од коронавирусот да продолжи примената на превентивните мерки за јавни собири и спортски настани без публика и по 13 март до кога се на сила ови мерки.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција објави дека по препорака на комисијата за заразни болести и комитетот за следење на состојбите со коронавирусот, добил препорака да се продолжи забраната за спортски настани без гледачи засега за уште една недела и тој истата ќе ја препрати на седница на Владата. Македонија воведе превентивни мерки откако се појави еден случај на коронавирус во земјава за забрана за јавни настани до 6 март.

-Утрово имавме состанок на комисијата за заразни болести и комитетот кој го формиравме за следење на состојбите околу коронавирусот од страна на стручните лица, експерти и епдемиолозите и беше предложено до мене, а јас тој предлог ќе го доставам до владата, а тоа е препораката да не се одржуваат масовни јавни собири, како и спортските големи натпревари на кои се очекуваат луѓе од странство, да се одржуваат без публика и тоа за уште една недела до 13 март. Оваа мерка доаѓа како резултат на тоа што бројот на лица заболени во Европа континуирано се зголемува. Утрово има преку 4.000 заболени во Европа, за 1.000 повеќе во однос на вчерашниот ден, рече Филипче.

УЕФА по Конгресот во Амстердам најави дека за секој меч ќе делува поединечно и нема да носи одлуки на своја рака, туку ќе ги следи препораките на здравствените власти на секоја земја, па врз база на тоа ќе донесува одлуки за одржувањето на мечевите во претстојниот период. Италија, која е најзафатена со коронавирусот веќе забрани мечеви со публика до 3 април, Швајцарија ги откажа сите настани до 23 март…

 

Треба да знаете
Последни објави