Мицкоски: Македонија требаше многу порано да го почне процесот за ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка кажа дека разговарале за актуелната политичка состојба во државата за интеграциите во Европската Унија.

„Од негова страна беше пренесена заложбата за она кое што го слушаме во последно време, а тоа е се поизвесната можност Македонија да го отпочне процесот за интегрирање кон Европската Унија. Ние кажавме дека уште во 2009-тата година е првиот позитивен извештај на Европската Комисија и во Македонија постои консензус по тоа прашање. Ниту граѓаните, ниту релевантните политички субјекти имаат дилема дека Македонија требаше многу порано да го отпочне овој процес и веќе да биде дел од европското семејство, но тоа е што е. Така што еве очекуваме што поскоро да отпочне тој процес на интегрирање“. рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред Соботка изразил загриженост за, како што вели, однесувањето на СДСМ, но и злоупотребата на обвинителите и судиите.

„Знаете, вчера ваш колега беше осуден, не верувам дека тоа е европско однесување“, рече Мицкоски пред новинарите по средбата.

„Истовремено беше запален и билборд. Практично демократијата во Република Македонија беше запалена, се палат билборди со критичка содржина, се осудуваат новинари кои што се критичари на власта, се осудуваат и напаѓаат медиумите кои што исто така се критичари на власта. Практично имаме една ситуација која што личи на се само не на држава која што сака да биде дел од Европската Унија. Но добро е да отпочнат овие преговори, овие преговори кои што ќе ги води нова Влада, способна, амбициозна, Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги приврши тие преговори успешно и што е можно побрзо, споредено со тоа што би го направиле капацитетите на нашиот политички противник“, нагласи Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави