Во Германија во годинашната сезона на грип досега починале 202 лица, според последните податоци на работната група од институтот „Роберт Кох“ (РКИ), пренесува „Дер шпигел“. Повеќето од починатите, 87 проценти, припаѓаат на возрасната група постари од 60 години.
Од октомври 2019 година, потврдени се 119.280 случаи на грип и една шестина од пациентите морале да бидат хоспитализирани поради нивната сериозна состојба. Бројот на заболени на крајот би можел да биде уште поголем, бидејќи институтот РКИ во Германија добива примероци само од избрани амбуланти, така што на крајот на сезоната се додаваат и заболените од други амбуланти.
Актуелниот бран на грип оваа сезона во Германија започна во втората недела од оваа година. Само во изминатата недела, потврдени се 18.862 случаи на грип.