Поради страв од коронавирусот политичарите смислуваат нови начини на ракување

Целиот свет е во состојба на паника поради ширењето на коронавирусот. Повеќе од 3.000 луѓе починаа, а скоро 100.000 се заразени во светски рамки.

Стравот е оправдан, а последниве денови се забележува дека дури и на политичарите и на другите државни претставници, не им е сеедно кога треба да се појават во јавност, па затоа некои смислуваат необични начини на поздравување.

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, вчера се сретна со гувернерот до Вашингтон, а двајцата се поздравија со подлактиците.

Американските медиуми објавија бројни фотографии каде се гледа дека Пенс разменува ваков необичен поздрав со неколку официјални лица поради стравување од коронавирусот.

Меѓутоа, Пенс не е единствениот. Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел.

На краткиот клип се гледа како Меркел се приближува кон Зехофер и му подава рака, а германскиот министер сигнализира дека не е заинтересиран, поради што луѓето околу нив почнаа да се смеат.

Британската кралица Елизабета Втора пред некој ден носеше ракавици на собир во Бакигамската палата, па дури и наздравуваше со луѓето без да ги извади.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху престана да се ракува за време на предизборната кампања минатата недела, што се смета за сигнал за зголемена загриженост меѓу израелските претставници од избувнување на епидемија од коронавирусот.

Треба да знаете
Последни објави