Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска изврши увид во градежните работи при изградбата на новиот парк во населбата Мичурин. Овој урбан парк што се гради на постојното игралиште спроти ОУ „Блаже Конески“ ќе зафаќа површина од 3 573 квадратни метри, а ќе понуди зелени површини, детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, како и место за друштвени игри за најмладите, а ќе има и артерски бунар за наводнување.
Општина Аеродром, покрај овој парк, во наредниот период ќе изгради повеќе паркови на различни локации. Два од урбаните парка ќе бидат во Стар Аеродром, покрај улиците „Методија Шаторов Шарло“ и „Пандил Шишков“, нов парк ќе се гради меѓу булеварот „Трета македонска бригада“ и касарната „Гоце Делчев“, како и на улицата „Бојмија“.