Судењето за Рекет денеска продолжи со последниот сведок кој беше предложен од Бојан Јовановски, Александар Радуловиќ, музички продуцент и композитор, сопругот на познатиот српски текстописец, Марина Туцаковиќ.
Сведокот Лидија Јаневска која требаше да сведочи на денешното рочиште доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.
Пред почетокот на судењето, судијката Васка Николовска- Масевска, ги предупреди присутните да не се однесуваат недолично, алудирајќи на обвинетите, одбраната и обвинителката Вилма Рускоска.
-Публиката и јавноста беше забавувана на претходните рочишта и тоа сега нема да го дозволам. До сега бев толерантна кон сите вас и ве оставав да се доискажете сите во своето излагање. Веќе нема да ве толерирам и нема да дозволам да се однесувате недолично во оваа судница. На следното такво однесување ќе бидам приморана да ве отстранам од судницата. Сите недолични зборови задржете си ги за надвор од оваа судница, рече судијката.
Сепак, за да и ова рочиште пројде забавно се погрижи преведувачката од српски, која поради лошото преведување ги засмеваше сите присутни. Адвокатот Сашо Дуковски на моменти мораше да зборува на српски, а Рускоска бараше да зборува на македонски јазик. На крај беше дадена пауза за да дојде друг преведувач на нејзиното место.
Сепак, Радуловиќ успеа да сведочи и кажа дека Бојан и неговото семејство го знае околу 15 години.
-Се занимавам скоро 40 години со музика, со продуцирање на музички спотови и музика за филмови, истакна Радуловиќ.
На судењето е презентирано ЦД кое, според сведокот, Бојан го снимал во Србија.
– Со Бојан не поврзуваше уште една работа, а тоа е отворањето на неговата телевизија која според мене беше многу интересен проект кој можеше да вроди со квалитетна соработка. Мене и на сопсругата ни седопаѓаѓе тој проект и да остваариме влијание во овој регион и за ширење на нашиот музичкиопус. Решив дека треба да му помогнам во финансирањето на овој проект т.е. да му помогнам да се отвори теливизијата. Секако дека му помагав и приватно и му давав секогаш тоа што му било потребно, бидејќи бевме многу блиски пријатели, истакна Радуловиќ.
Тој потенцираше дека со Бојан и неговото семејство патувале честопати заедно во Грција, Италија, славеле родендени, нови години, слави.
Потоа, раскажувајќи за силното пријателство, Радуловиќ кажа дека недела дена пред да патува Јовановски на модна ревија во Милано, февруари 2019 година, на вечера во нивниот дом во Белград, му дал пари да купи и цитостатици од Италија за неговата сопруга, кои биле многу скапи и не можеле да се набават во регионот.