Повторно избија немири на грчко-турската граница, кога бегалците се обидоа да поминат на грчка територија. Грчката полиција користи солзавец и водени топови за да спречи бегалците да се пробијат преку граничната линија, додека турските власти испалија солзавец на грчка територија, наведе „АП“.
Истовремено, министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, оддржуваат состанок за ситуацијата во Грција и Сирија.
Во текот на минатата недела, откако Турција продолжи да ги отвора своите граници кон Европа, илјада бегалци се обидоа да поминат од Турција во Грција преку источнниот копнен и морски пограничен појас.
Турција соопшти дека долж својата гранична линија распоредила околу 1.000 припадници на специјалните единици на полицијата, за да ја спречи грчката полиција да ги враќа бегалците кои успеале да стигнат на грчка територија.
Голем број бегалци во шатори чекаат можност да ја поминат границата, и покрај тоа што официјална Атина инсистира дека нејзините граници се затворени.