Последните сведоци предложени од Бојан Јовановски – Боки 13, првообвинет во случајот „Рекет”, треба да бидат сослушани на денешното рочиште за овој судски предмет.
На последното рочиште сведочеа стилистот Сергеј Варошлија, сопственичката на оптика Марија Јанковска и сопственикот на галерија Алекс Кртов. Требаше да бидат сослушани и Владимир Тодоровиќ, Дејан Панделески и Јовче Ременски, но беа повлечени од одбраната, а сведокот Лидија Јаневска доставила медицинска документација дека е под стрес и не може да сведочи.
Тогаш Боки го цитираше Иво Андриќ и во цитатот спомна „фукара“, а Рускоска го праша дали мисли на себе, по што Јовановски реагираше и беше исфрлен од судницата.
Овој случај каде обвинета е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, го води судијката Васка Николовска – Масевска, додека обвинението го застапуваа обвинителката Вилма Рускоска.
На првото рочиште за „Рекет”, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание”, по што беше осуден на три години затвор. Пресудата против него уште не е правосилна затоа што одбраната најави жалба пред Апелацискиот суд во Скопје.