Во пресрет на фудбалскиот натпревар на репрезентациите на Северна Македонија и Косово, на 26-ти март во Скопје, се зголемува ризикот од инциденти помеѓу навивачите на двете репрезентации. Мечот е прогласен за натпревар од висок ризик и полицијата уште од сега презема мерки за спречување на конфликтни ситуации, насилство и ескалација на меѓунационалните односи.
Како што пишува НОВА ТВ, превентивните тимови на МВР, активно ги следат постапките на навивачките групи и нивното организирање за натпреварот. Масовната заинтересираност за мечот ја привлекува неговото значење. Имено, победникот во Скопје ќе има уште еден натпревар потоа, а победникот ќе се пласира на завршницата од Европското првенство во фудбал ова лето. Затоа Македонија, но и Косово со голем ентузијазам ќе му пристапат на натпреварот.
„Делии“ во Скопје ќе навиваат против Косово
Но, масовноста на навивачите, освен за бодрење на националните тимови, ќе значи и потенцијална опасност од инциденти во настојувањето да се демонстрира што поголем патриотизам и националистичка омраза кон противникот. Нема да се погреши ако се претпостави дека скандирањата од трибините ќе бидат полни со говор на омраза и со непочитување на етничката припадност на спротивната екипа, надополнети со декор, специјално подготвен за натпреварот.
Нашите извори посочуваат дека навивачките групи „Комити“ и „Војводи“ имаат одлични релации со неколку навивачки групи од странство кои се поканети да присуствуваат на фудбалскиот натпревар. За сега во комбинација се „Делии“, навивачка група на Црвена звезда од Белград, како и навивачката група на германскиот клуб Шалке 04. Дополнително, овој натпревар ќе ги спои сите домашни навивачки групи. По слободна проценка западната трибина ќе биде претесна да ги собере неколкуте илјади навивачи на македонската репрезентација. Нешто помалку ќе има на спротивната, источната трибина, кои ќе го бодрат Косово. Но, и нивните навивачи нема да остават ништо случајно – прават комбинации со навивачите „Балисти“ од Тетово и евентуално со „Шверцери“ од Скопје.
Во еден телевизиски настап, поранешниот репрезентативец Арбен Нухиу предупреди дека најголемите провокации може да стигнат од српски навивачи. И тој го оцени натпреварот како специфичен и ризичен. Надлежните, како превентива ги следат и комуникациите на социјалните мрежи во врска со престојниот натпревар каде отворено се упатуваат повици до сите навивачи. Отворени се и фондови за финансирање на организацијата и логистиката на навивачкиот поход. Периодот во кој се игра мечот е само две седмици пред парламентарните избори, што значи партиите ќе бидат во екот на кампањата, која отсега е валкана и непристојна а ескалација на говорот на омразата од трибините може дополнително да ги вжешти стратсите на политичкиот терен.
На новиот премиер на Косово, Албин Курти сигурно не му е потребно насилство и конфликти на неговите граѓани во соседна држава, особено и заради фактот дека натпреварот ќе го обезбедува и косовската полиција. Не е исклучено да помогнат и други странски полиции ако наближувањето на натпреварот и ситуацијата со навивачите го наложи тоа. Во контекст на големите политички случувања кои може да предизвикаат негативни реакции кај конзерватините и националистичките структури, изразени кај навивачките групи, се вбројуваат зачленувањето на Македонија во НАТО, кое може да се случи при крајот на март, во истиот период кога државата се надева на одредување датум за преговори со Европската Унија. Непосредно пред натпреварот најавена е посета на рускиот министер Сергеј Лавров на Белград, во период кога Александар Вучиќ и Албин Курти и натаму се гледаат преку нишан.
Техничката влада како ризик или предност
Институциите, особено МВР имаат шанса да покажат дека постои добра кординација и дека државата знае да организира важен меѓународен натпревар и да се справи со ситуации од висок ризик за безбедноста. Покрај униформираната полиција, за натпреварот на готовс ќе бидат сите единици. Единицата за брзо распоредување (ЕБР) има командант поставен од СДСМ, но заменикот е на ВМРО ДПМНЕ. Во другата пак единица, таа за специјални задачи, командантите се обратно поставени, првиот човек е на ВМРО ДПМНЕ, вториот на СДСМ. Ова поставеност во услови на техничко менаџирање на безбедносните структури може да се смета како добар почеток во остварување на целта за мирен и фер натпревар, особено затоа што одговорноста кај полицијата е поделена и секој ќе биде исто виновен ако нешто се случи, а тоа би значело дека ниту една партија нема да може да ја обвинува другата, барем за воспоставување на редот.
Од друга страна имајќи ја во предвид политичката реалност и длабоката партиска поделеност констелациите во кои сега функционира МВР може да значат и дополнителен ризик ако било која од политичките партии се обиде да препознае интерес за освојување на политички поени од инцидентите за кои кои постои голем потенцијал на овој фудбалски натпревар.
Она што загрижува се информациите од безбедносните структури според кои забележани се активности на припадници на полицијата и на армијата во подготовките за навивањето на арената „Тоше Проески“. Ако итно не се анулираат нивните постапки, тогаш се отвора можноста навивачите да имаат инсајдерски информации кои ќе им одат во прилог ако имаат намера да се предизвикаат инциденти.