Владата на Косово денеска може да се соочи со „конкретниот вкус” на американското реагирање поради одбивањето да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, пишува приштинскиот портал „Газета експрес”.
Повикувајќи се на неименувани но, како што тврди „сигурни извори”, порталот најавува дека САД можат од денеска да почнат со спроведување казнени мерки поради неисполнување на нивните постојани барања упатени до премиерот Албин Курти, веднаш и целосно да ја укине спорната такса.
– Не се знае точно какви конкретни мерки ќе преземат Американците, но сепак се споменуваат економски мерки. Една од „казните” може да биде суспендирање на инвестициите од Корпорацијата Милениумски предизвици, која со години во Косово инвестира милиони евра, пишува „Газета експрес”.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовкиот премиер минатата недела објави дека од 15 март ќе се укине таксата, воведена во ноември 2018 година, на увозот на суровини од Србија и БиХ, а за натамошните мерки ќе се чека реакцијата на официјален Белград.
Доколку Србија го смени односот, односно престане со кампањата против косовската независност, на 1 април таксата целосно ќе се укине за наредните 90 дена, а во меѓувреме ќе се воведува, прво трговски, а потоа и економски и политички реципроцитет кон соседната држава. Доколку, пак, српските власти продолжат со агресивниот однос кон Косово, тогаш од 15 јуни Курти порача дека ќе ја врати состојбата која ја затекна кога ја презеде премиерската функција на 3 февруари годинава.
На делумното укинување на санкциите кон Србија и БиХ се спротивстави официјален Вашингтон, кој преку пратеникот на претседателот Доналд Трамп за преговорите Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел, порача оти од Курти се очекува целосно и без условувања да ја укине таксата. Ова барање на Американците го поддржува и претседателот на Косово Хашим Тачи, како и коалицискиот партнер во Владата на Курти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).