Европската Унија нема да дозволи уценувања од Турција и бара официјална Анкара да го почитува договорот за миграцијата, порачаа денеска во Загреб министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ.
На вонреден состанок, министрите од ЕУ се обидуваат да усогласат заеднички одговор на кризата која се заканува со новиот мигрантски бран кон Европа.
Шефовите на европските дипломатии во пресрет на состанокот ја поддржаа Грција да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на границите на Унијата и го поздравија примирјето што го постигнаа синоќа Русија и Турција.
Најавија дека ќе ја разгледаат иницијативата за создавање на сигурносна зона на северот во Сирија и дополнителна финансиска помош за Анкара.
„Турција носи голем товар за настаните со бегалците и мигрантите, но истовремено неприфатливо е тие да бидат средство за вршење притисок“, изјави високиот комесар за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Европјаните тврдат дека кон грчката граница тргнале мигранти кои со години престојуваат во Турција, а не оние кои бегаат поради насилствата во Идлиб.
„Тоа е јасен доказ дека ова движење го создаде и оркестрираше Турција. ЕУ нема да допушти инструментализација на човековото патење“, истакна грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас.
Признавајќи ги турските заслуги во стопирањето на мигрантскиот бран од 2015 година, хрватското претседателство на ЕУ ја повика Анкара да се врати на договоро.
„Тоа е она што го сакаме. Верувам дека тоа е единственото решение за да не ни се повтори ситуацијата“, изјави хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Тој смета дека мигрантите кои изминатите денови стигнаа во Грција треба да бидат вратени во Турција.