Дваесет и седумгодишен Украинец, првак во шах и неговата 18-годишна девојка се пронајдени мртви во нивниот стан во Москва, пренесе Би-би-си. Се претпоставува дека починале од труење со гас за смеење.
Станислав Богданович и неговата девојка, Александра Вернигора, која исто така професионално се занимава со играње шах, се пронајдени мртви, а покрај нив имало балони со азотен оксид.
Вернигора студирала на државниот факултет во Москва, а Богданович беше првак до 18 години, на првенствата во Украина и освоил бројни меѓународни турнири и награди. Тамошните медиуми пишуваат дека Богданович неодамна бил критикуван бидејќи на меѓународниот натпревар ја претставувал Русија и тогаш ја победил Украина.
Инаку, азотниот оксид, со кој се затруле младите Украинци, првпат се користел во 1844 година како анестетик, а сега се користи како рекреациска дрога. Од таквата употреба досега умреле многу луѓе, а може да предизвика потешкотии со дишењето, забрзување на работата на срцето и изгореници.