Сугарески: Забрзани се градежните активности за рехабилитација на патот Градско-Прилеп

 Интензивно почнаа работите на рехабилитацијата на делницата од Фариш до Дреново во должина од околу 9,5 километри на патот Прилеп-Градско кој ќе добие нови слоеви асфалт со што ќе се обнови патот и посигурно ќе се патува, зашто беше во лоша сосотојба.

При денешниот увид на работите министерот за транспорт и врски Горан Сугарески нагласи дека паралелно ќе продолжи рехабилитацијата на делницата од Дреново до Прилеп.

 – Вршиме увид на градежните активности на рехабилитацијата на патот Градско-Прилеп, на делницата од Фариш до Дреново. Имаме сериозна динамика на активностите, очекуваме така да продолжи зашто одговараат временските услови. За најкраток временски рок, делницата ќе биде изгребана и целосно асфалтирана. Овој пат беше во многу лоша состојба, посебно знаат жителите од пелагонискиот регион кои го користат овој патен правец. Ќе ги ублажиме состојбите додека се гради експресниот пат Градско-Прилеп, а очекуваме да продолжат во најбрз можен рок. Паралелно со рехабилитацијата на овој пат, ќе продолжи рехабилитацијата на  делницата од Фариш до Прилеп, тоа се околу 19 километри. За оваа делница, според програмата на Јавното претпријатие за државни патишта кон крајот на март и почетокот на април да биде тендерирано, изјави Сугарески.

Како што објаснува директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, оваа делница треба да биде готова до крајот на март, а во наредниот период, по тендерот ќе се работи на делницата до Прилеп од 19 километри. Ќе се обновува и, каде се две, ќе се прошири со три ленти.

-Според временските услови делницата Фариш-Дреново комплетно ќе биде завршена овој месец. Станува збор за двослојно и еднослојно асфалтирање во зависност од ошштетувањата на патот, а патот е доста оштетен. На крајот на март ќе излезе тендерот за делницата од Фариш до Прилеп. Секаде каде што се трите ленти комплетно ќе биде рехабилитирано. Во март исто ќе излезе тендерот преку ИПА и каде се две ќе се прошири со трета лента, а патот ќе биде и рехабилитиран. Значи, целосно ќе биде обновен патот од Фариш до Прилеп и доколку дозволат временските прилики, сѐ ќе биде готово до крајот на оваа година, или до март наредната година. Санирани ќе бидат и мостовите по патот, рече Китанов.

Што се однесува до експресниот пат Градско-Прилеп, се работи на делницата Градско-Дреново. Спорна е трасата Дреново-Фариш. Според Китанов, денеска пристигнува постапката за арбитражниот дел за експресниот пат.

– Изминатите месеци комплетно е анализирано што е досега направено со експресниот пат, со мониторинг на Европската банка за обнова и развој. Со нивни и градежни експерти веќе се прави новата тендерска документација. Очекувам во април да биде објавена и веднаш да продолжат работите на експресниот пат. Да појасниме дека се работи на трасата од Градско до Дреново, а спорниот дел е трасата Дреново-Фариш. Така, оваа година овде ќе биде големо градилиште, изјави Китанов.

Во меѓувреме, на Градежниот факултет му е дадена проектна задача да се сработи автопатско решение за патот Прилеп-Битола, а во јуни завршува проектирањето, почнато минатата година, за обиколницата кај Битола и експресен пат до Меџитлија.

-Очекуваме сето ова: експресниот пат, патот Прилеп-Битола и оној до Меџитлија да бидат готови за три години. И мора да појаснеме дека ова не е предизборна кампања, туку проектите се почнати пред една година кога не се знаеше дека ќе има избори и ова е тековна работа на ЈП за државни патишта во координација со Министерството, рече директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Почна да се работи и патот за Мариово Ќе се рехабилитира во должина од 24 километри, од кои годинава е предвидено да се сработат 8 километри.

Треба да знаете
Последни објави