Јавното обвинителство од грчката област Илиас побара да се спроведе итна прелиминарна истрага за пријавите дека граѓани заразени со коронавирусот, наместо во домашна изолација, излегуваат и се шетаат, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Панајотис Андонакопулос, градоначалникот на Пиргос, градот што е дел од регионот за кој во сила се вонредните превентивни мерки на грчката Влада, за да се спречи ширење на новиот коронавирус утрово упати јавни обвинувања дека луѓето „би требало да се во домашна изолација, а за жал излегуваат”.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, веќе е започната процедурата за повикување сведоци, почнувајќи од градоначалникот.
Како што веќе објави МИА, градоначалникот говорејќи за грчката телевизија „Скај”, обвини дека лица кои што се роднини или биле во контакт со луѓето што со коронавирусот се заразија за време на нивното патување во Израел и Египет, не ги почитуваат препораките за домашна изолација и излегуваат, па дури одат и во кафулиња и продавници.
-Прашањето на личната одговорност, за жал е многу ниско. Сите знаеме дека, говориме за луѓе кои треба да се во нивните домови, а не да излегуваат, вели градоначалникот и додава дека станува збор за казниво дело.
Од 73 потврдени случаи на новиот коронавирус во Грција, 58 се поврзани со групата што била на поклоничко патување во Израел и Египет, односно 47 се членови на групата и 11 се нивни контакти. Голем дел од нив се во домашна изолација.
Луѓето кои биле на полничкото патување во Светата земја, се жители на грчките региони Илиас, Ахаиас и Закинтос, каде што од 4 март во сила се мерките на владата, односно затворени се сите државни и приватни образовни институции, откажувани се секаков вид масовни собири, како театри, кина, спортски и културни настани, посети на археолошки локалитети и музеи за да се избегне локално пренесување на коронавирусот.