Мицотакис: Турција да ги премести мигрантите од тампон зоната

– Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја повика Турција да ги намали тензиите на границата со Грција, враќајќи ги илјадниците мигранти кои се собрале таму со цел да преминат во Европа.

Мицотакис за време на германско-грчкиот економски форум во Берлин го обвини турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека ја „уништил” декларацијата на ЕУ-Турција од 2016 година, која во суштина ја запира миграцијата кон Европа, додавајќи дека доколку сака преразгледување на договорот, тогаш треба да ги „отстрани очајните луѓе во Еврос и да спречи ширење на лажни информации и пропаганда против Грција”.

Мицотакис, исто така, предложи Ердоган да разгледа и други можни подобрувања на договорот, како што е заедничко патролирање за контрола на протокот на мигранти на турската граница, нагласувајќи дека враќањето на оние кои влегуваат нелегално во Грција, треба да биде можно и од континенталниот дел на Грција, но и од островите.

– Влегуваме во нова фаза во врска со миграцијата. Ердоган попладнево ќе биде во Брисел и сметам дека тоа ќе биде позитивно. Се надевам дека ова е почеток на деескалација на кризата, истакна тој на форумот.

Според него, „Турција одиграла клучна улога во справувањето со бегалското прашање, но тоа не може да се прави преку закани и изнудување”.

Мицотакис, исто така, побара договор за доброволно пренесување на децата мигранти и тинејџери од Грција во Европа.

Грчкиот премиер се осврна и на ширењето на коронавирусот и на мерките на Грција, истакнувајќи дека е потребна понатамошна координација на европско ниво.

– Јасно е дека 2020 ќе биде различна година од она што го предвидовме и дека фискалните цели веројатно нема да се постигнат. Мора да реагираме брзо, изјави Мицотакис.

Треба да знаете
Последни објави