Ристовски: Истрагата за предметот „27 април“ беше затворена без да ме сослуша обвинителката

Истрагата за предметот „27 април“ беше затворена без да ми се овозможи правото на исказ односно без да ме сослуша обвинителката, па исказот го дадов по мое барање, откако истрагата беше завршена, изјави поранешниот министер Спиро Ристовски, еден од четворицата обвинети како организатори за случувањата на „27 април“.

Тој прашува како е можно Обвинителството за него да покрене обвинение без да даде исказ, а истото не се применило врз Никола Бошковски и Никола Груевски. Спировски е убеден дека целокупниот обвинителен акт се темели исклучиво на претпоставки, небулози и крајно спорни околности. Ристовски тврдеше дека во периодот за кој му се препишува кривичното дело не бил на партиски функции, а и тоа дека немал никаква комуникација со Никола Бошковски и не го ни познава.

– Бошковски сум го видел само на телевизија. Со Владимир Атанасовски само трипати службено сум комуницирал. Не сум имал комуникација со градскиот и со другите партиски комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Со сведоци ќе докажам дека наводните пораки споменати во обвинителниот акт и не се испратени од моја страна. Критичниот ден не сум комуницирал со Богдан Илиевски-Бетмен. Не сум знаел што ќе се случи тој ден. Јас и мојот адвокатски тим многу пати досега и во текот на истражната постапка и при оцената на обвинителниот акт изнесовме несоборливи докази кои суштински и недвосмислено докажуваат дека јас не сум сторител на кривичното дело дадено како правна квалификација во овој случај, ниту пак се докажува реално превземеното дејствие опишано во овој таканаречен обвинителен акт. Сето ова кое го тврдам многу лесно се воочува за секое објективно око според таканаречените докази понудени од обвинителството, со исклучок на исказот од еден сведок, со име, презиме и надимак: Александар Василевски Нинџа, добро познат за сите кои го следат правниот поредок во Република Македонија- објасни Ристовски.

Според обвинетиот, паушално тврдење на Обвинителството не е поткрепено со ниту еден единствен доказ од обвинителниот акт, туку е чин на произволно измислување на кривични дела од причини кои се познати само на авторот на ова таканаречено обвинение.

Спировски рече дека ќе презентира листинзи од неговата комуникација преку мобилниот телефон за да се види дека немал такви контакти, а ќе докаже и дека не ја пратил пораката со содржина: „Сите членови доаѓајте пред Собрание, сега е моментот“, како и уште една во која се вели сите лица за интервентни ситуации да бидат на готовс.

 

Треба да знаете
Последни објави