Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се силно посветени на унапредувањето на земјоделското производство, изјави директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ за време на посетата на кочанскиот регион, потенцирајќи дека откупната цена на оризот е повисока од минатата година.
Како што соопшти Државниот инспекторат за земјоделство, за време на престојот во Кочанско, Шапуриќ посетил повеќе компании кои вршат откуп на ориз, помеѓу кои и „Левиди Агро”, „Еко Зрно” и „Даниво”, каде разговарал со менаџментот и вработените во овие компании.
– Притоа, тој се интересираше за текот, динамиката и цените на откупот на оризот и ги посети производните капацитети каде што се врши откупот на оризот. Во разговорите беше констатирано дека откупот се одвива веќе неколку месеци без некои проблеми и дека се очекува да заврши до крајот на месец април. Откупната цена на оризот се движи помеѓу 50 и 52 денари и е повисока од ланската цена, се додава во соопштението.
Шапуриќ нагласил дека улогата на Државниот инспекторат за земјоделство не се состои само од репресивна контролна компонента, туку има и превентивна улога и дека е во постојана комуникација и со производителите на земјоделски производи и со откупувачите и дека субвенциите за оризот во изминатите години се зголемени.
Тој ја посетил и подрачната единица на Државниот инспекторат за земјоделство во Кочани, каде со вработените разговарал за соработката со другите надлежни институции за сузбивање на долгогодишна негативна појава на палење на земјоделско земјиште.