Апостолова: ЕУ подготвена да посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина

Шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Косово Наталија Апостолова го поздрави првиот чекор на косовската Влада за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и порача дека претставниците на ЕУ се спремни да ја исполнат својата улога и да го овозможат дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Во вчерашното интервју за приштинскиот портал Љајми.нет (lajmi.net) Апостолова оцени дека одлуката на премиерот Албин Курти за делумно укинување на санкциите кон Србија и БиХ од 15-ти овој месец, би можела да има позитивен ефект на обновувањето на регионалната трговија и „отворање на прозорец” за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

– Го поздравуваме, како прв чекор, најавеното укинување на таксата на сировини од Србија и Босна и Херцеговина од страна на премиерот Албин Курти. (…) Србија и Косово треба да создадат поволен амбиент за повтроно започнување на дијалогот, што ќе биде од обострана корист, изјави шефицата на канцеларијата на ЕУ во Приштина.

На прашањето дали новата стратегија за проширување на ЕУ им дава на земјите од Западен Балкан поголеми можности за интеграција, Апостолова одговара дека овој регион е приоритет на ЕУ и нејзин стратешки интерес е да го приближи што повеќе кон себе.

– Западен Балкан е приоритет за ЕУ и е во наш стратешки интерес да ги приближиме што повеќе кон себе нашите партнери од Западен Балкан. На нашите партнери од Западен Балкан им е потребна една солидна перспектива врз основа на заслугите за целосно зачленување во ЕУ. Од друга страна, Западен Балкан треба целосно да се соочи со структурните слабости, посебно на полето на основните принципи, вели Апостолова.

Треба да знаете
Последни објави