Заразената директорка ја пријавиле колеги, таа им се заканувала со откази

Директорката на Кожна клиника која е четвртиот заразен од корона вирус во земјава во саботата била на симпозиум на кој биле колеги лекари, специјализанти, но и останат медицински персонал, дознава 24 инфо.  Го прашавме и министерот за здравство Венко Филипче за потврда на информацијата но потврда не добивме. Според наши информации директорката имала симптоми уште минатата недела веднаш по враќање од патот од Италија, но сама не се пријавила на Инфективната клиника. Ја пријавиле колеги, а таа им се заканувала со откази.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека таа доцна синоќа била дијагностицирана на Клиниката за инфективни болести и во овие моменти таму се хоспитализира.

Тој изрази огромно разочарување во контекст на непочитување на препораките и апелите за задолжителната автоизолација после секое патување во ризичните региони.

„Дијагностициран е уште еден случај на пациентка позитивна на коронавирус. Нејзината состојба е стабилна со лесна клиничка форма, исто како и состојбата на двајцата сопружници претходно хоспитализирани. Состојбата на првозаболената е практично целосно стабилизирана. Во текот на денешниот ден или утре ќе се направи контролниот тест, после што ќе се одлучи дали ќе биде пуштена од болница. Морам да кажам со огромно разочарување, во контекст на непочитувањето на препораките и апелите на задолжителната автоизолација, после секое патување во ризичните региони, ве информирам дека пациентката е жена наша колешка-лекар која пред една недела допатувала од Италија. Таа докторка е директорка на Клиниката за кожни болести, и практично после враќањето во земјава во изминатите пет работни дена одела редовно на работа.

Со исклучително големо внимание се пристапува кон мерките на Клиниката за кожни болести. Во овој момент целата екипа од Институтот за јавно здравје прави проценка на степенот на ризик за сите кои што контактирале со неа, како вработените, така и пациентите. Можно е согласно проценката и одлуката на епидемиолозите денеска одделот да биде целосно затворен. Целокупниот медицински персонал согласно фреквенцијата и должината на контактот кој го имале да бидат испратени на домашна самоизолација. Пациентите кои што се хоспитализирани исто така со оглед на тоа што станува збор за пациенти кои можат согласно сегашните сознанија да го продолжат лекувањето и во домашни услови. Сите други прегледи во периодот кој што следи ќе бидат насочени кон другите јавни здравствени установи каде што има вакви специјалисти. Добро е што колешката немала ден во амбуланта па немала директен контакт со пациенти, кои што доаѓале однадвор во изминатава недела. Од епидемиолошката анкета таа досега ги навела и сите други контакти вклучително и членовите на нејзиното семејство, пријатели, и за сите нив согласно разговорите со епидемиолозите ќе се донесе соодветна одлука за начинот на изолација.

Деноноќно сме посветени на контрола на ова прашање со коронавирусот, целиот тим кој што работи во Министерството во смисла на превенција, третман, мерките кои што ги препорачувавме за натамошно ширење на вирусот. Ова непочитување на препораките е навистина огромно разочарување. Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат многу сериозно. Не можеме да ги затвориме границите. Ниту една земја во Европа го нема направено тоа. Практично е невозможно и затоа всушност сите препораки на експертите на СЗО се за самоизолација, како што всушност Владата препорача пред две недели. Затоа потенцирам секој кој што доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, и тоа е тој најризичен стадиум на болеста, во инкубација кога нема симптоми а веќе имало контакт со заболен кој што граѓанинот не може да го знае, мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани на нашата држава. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје заради тоа што тоа е нашиот најголем приоритет. Апелирам и до вас медиумите и во исто време сакам да изразам огромна благодарност за одличната соработка за повторување и пренесување на мерките за заштита и превенција.

Треба да знаете
Последни објави