Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Политиките на СДСМ даваат резултати и го одржуваат трендот на стабилен раст на економијата во Република Северна Македонија. Владата предводена од СДСМ го презеде управувањето со државата во 2017 година во состојба на рецесија. СДСМ вети дека 2019 година ќе биде година на економијата и тоа го оствари. Бројките и податоците од Државниот завод за статистика го потврдуваат тоа.
Забележан е растечки тренд на бруто домашниот производ којшто во последниот квартал на 2019 година во однос на истиот квартал во 2018 година е повисок за 3,4%, а вкупниот раст за 2019 година изнесува 3,6% што ја надминува проектираната стапка од 3,5%.
Реализацијата не ја надмина само коригираната проекција на Владата предводена од СДСМ од 3,2 % на средината од годината, туку и проекциите на Меѓународниот монетарен фонд и на Светска банка.
Уште еден податок којшто докажува раст на БДП е и фактот дека Република Северна Македонија е на осмо место по раст на табелата од 38 земји од Европската Унија и регионот, и тоа пред Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Словенија и други земји членки на унијата.
Економските фундаменти во државата се здраво поставени за да продуцираат раст во сите сектори, така што се забележува раст во градежништвото за 5,9%, во трговијата, во транспортот и угостителството за 4,7%, во земјоделството за 3,8% и во индустријата за 3,1%.
Придобивка од растот на економијата оди во прилог на граѓаните со просечниот раст на вработеноста, односно со отворање на нови работни места.
Стапката на вработеност е највисока досега, додека стапката на невработеност е најниска.
Невработеноста е намалена на историски најниско ниво од 16,6%, додека вработеноста е на највисоко ниво досега од 47,9%. Споредено меѓу четвртиот квартал во 2019 во однос на четвртиот квартал од 2016 година има 76.255 повеќе вработени. Само во текот на минатата година, бројот на вработените граѓани е поголем за 38.600 лица.
Државата има стабилен и ликвиден буџет, а добриот тренд на реализација продолжува и годинава, со раст во првите два месеца од 8,3% кај даноците и придонесите.
СДСМ останува посветена да гради конкурентна и развојна економија, како и да вложува во човечкиот капитал.