Косовскиот претседател Хашим Тачи закажа за денеска средби со премиерот и лидер на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти и со претседателите на другите парламентарни партии на Албанците во Косово, со цел координација за прашањата од национален интерес, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од кабинетот на Тачи се наведува дека средбите ќе бидат одвоени, а првата ќе биде со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, со почеток во 10.30 часот.
Наредната средба е закажана за во 11.30 со лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели, потоа со оној на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај (во 12.30), со премиерот и лидер на ВВ Курти (13.00), лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Фатмир Лимај (13.45) и со претседателот на Алијансата ново Косово (АКР) Беџет Пацоли (во 14.5 часот).
Приштинскиот портал „Газета експрес” наведува дека, и покрај тоа што Тачи ја најавил средбата со Курти, во агендата на премиерот за денешниот ден во тој термин не е предвидена посета на кабинетот на претседателот на државата.
Курти претходно на два пати го повика Тачи на средби за координација на дејствијата во надворешната политика, првин на 13 февруари и потоа на 3 март, меѓутоа Тачи не одговори на ниедна од тие покани.