Вељановски: Ова е политички процес, не знаев дека Ибрахими ја пее албанската химна

Поранешниот спикер на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски обвинет за собраниските насилства од 27 април 2017 година, на денешното рочиште за овој случај рече дека овој обвинителен акт е политички процес.

– Ова е политички нарачан процес. Ќе докажеме дека ова, и Специјалното обвинителство, биле важна алка за изгласување на уставните измени, искористувајќи го овој настан. Обвинението против мене е смешно и неиздржливо. Пратеник не може да одговара за своите постапки како пратеник, исто како и судиите и обвинителите, зашто тоа им е загарантирано со устав, рече Вељаноски, кој кажа дека ги почитувал Уставот и законите како претседавач. Додаде дека обвинителството ги повредило неговите права во истрагата, рече Вељаноски.

 

Тој нагласи дека тоа што на прес конференција го изјавил тогашниот пратеник Зоран Заев по СМС го известил Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

–Ќе докажам дека сите постапки после 18 часот во Собранието на 27 април 2017 година се незаконски и неуставни. Ќе го докажам фактот дека на 27 април 2017 година, некаде околу 13 часот, пратеникот Зоран Заев зеде збор и го кажа следното:‘Ќе се носи одлука во оваа сала, во некоја друга сала, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правен. Ќе докажам дека ова ми укажуваше дека може да дојде до тензична ситуација… Но, со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор, не ни очекував дека ќе дојде до избор претседател на Собранието, нагласи Вељаноски.

Тоа што го кажал Заев во салата, рече тој, го кажал и на прес-конференција, а службите преку порака го известиле Вељаноски за тоа.

-Таа порака само ја препратив до Никола Груевски, кој беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече Вељаноски.

Вељаноски во својот воведен збор зборуваше и за пратеникот Зекирија Ибрахими, кој критичниот ден ја пееше албанската химна од говорницата во Собранието.

-За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач и јас не бев запознаен што се пее на албански, рече Вељаноски.

Тој тврди дека не ги прекршил правилата со тоа што му дал збор на Ибрахими, кој бил пријавен за процедурално обраќање како заменик-координатор.

Вељаноски забележа и зошто овој пратеник не бил барем сослушан во истрагата ако обвинителството тврди дека неговото пеење било иницијална каписла.

На крајот од неговите воведни зборови, тој ѝ возврати на обвинителката Вилма Русковска која во своите воведни го цитираше Гоце Делчев.

-Ако некој ја цитира мислата на великанот Гоце Делчев, треба да ја цитира во целост, па затоа јас ќе го цитирам почетокот кој беше изоставен: ‘Не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови изроди’. А, јас ќе додадам и дека македонскиот народот најмногу страдал од слугите на сите режими,рече Вељаноски.

Инаку, обвинителката Вилма Русковска денеска не е присутна во судница, па не можеше да го слушне обраќањето на екссобранискиот спикер. На нејзино место денеска во судница е обвинителката Ивана Трајчева.

Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

Треба да знаете
Последни објави