Денеска се создадоа условите и почна постапката за отстранување на првата галија од коритото на Вардар, обзнани градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
-Градот Скопје во изминатиот период водеше сериозни правни постапки, со сериозна правна прецизност, за да се создадат услови за отстранување на првата галија од коритото на реката Вардар без да има опасност од било какви финансиски импликации по нашиот град. Условите се создадени и во рок од 30 дена корисникот на таа, таканаречена, урбана опрема е должен сам да ја отстрани. Во спротивно, тоа ќе го направи Градот на негов трошок, по истекот на овој рок, некаде по 10 април оваа година – рече Шилегов.
Тој нагласи дека безбедноста на скопјани е на прво место.
-Сите анализи и студии што ги направивме укажуваат дека објектите од проектот „Скопје 2014“ кои што се наоѓаат внатре во коритото на Вардар – галиите, сериозно можат да ја загрозат безбедноста од поплави, со тоа да нанесат материјална штета и да ги загрозат животите и здравјето на граѓаните. Од друга страна, пак, расчистуваме со нешто што никогаш не било и никогаш нема да биде Скопје, а тоа е проектот „Скопје 2014“. Дислокацијата на овој објект е втората активност што ја презема градот, по отстранување на споменикот на Ќосето, а е во рамките на неговите ингеренции. Јас очекувам дека и во иднина ќе се создаваат услови, без да имаме финансиски импликации по буџетот на градот или по буџетот на централната власт, да ги отстраниме овие објекти од коритото на реката Вардар. Веќе ги отстранивме фундаментите од таканареченото Панорамско тркало, сега го отстрануваме и бродот што се наоѓа непосредно до Панорамското тркало, со што ги спречуваме можните последици и го враќаме ликот на градот – рече Шилегов.