На четири месеци се одложува плаќањето на ДДВ во секторите и областите каде што со одлука на владата се прекинати економските активности на бизнисите над 10 дена и плаќањето на долговите кон јавните финансиски служби; одложување на плаќањето придонеси за осигурување на вработените за следните три месеци; препорака за компаниите, доколку имаат можност да спроведат, телеконференциска работа, работа од дома преку интернет или промени на работното време во смени, за да се избегне пренатрупаност како на работните места, така и во јавниот превоз, се мерки што заедно ги преземаат три грчки министерства, за финансии, за развој и за труд за справување со економските последици од ширењето на коронавирусот во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за финансии на Грција, Христос Стајкурас на денешната прес конференција рече дека конкретното министерство презема иницијативи базирани на четири столбови: информирање на граѓаните; за зајакнување на системот за јавно здравје; справување со негативните последици од ширењето на коронавирусот и иницијативи на европско ниво за координирани европски активности.
-Во економијата, податоците и оценките до сега, покажуваат дека последиците ќе бидат минливи, но на крај ќе бидат многу позначајни и болни од првичните проценки. Според тоа, потребна е, од сите нас смиреност, будност и предвидливост. Владата, методично и одговорно, се соочува со овие предизвици. Министерството за финансии, во целосна владина координација, презема конкретни иницијативи засновани на четири столбови, рече Стајкурас.
Во однос на првиот столб – информирањето на граѓаните, министерот за финансии на Грција, рече дека веќе се испратени пораки до сите даночни обврзници.
Вториот столб, зајакнување на системот за јавно здравје, предвидува вонредна финансиска поддршка согласно издадениот законски акт од владата, а веќе буџететот за Министерството за здравство веќе е зајакнат за 15 милиони евра за набавка на потребната здравствена опрема.
Конкретни мерки со одложување на плаќањето на ДДВ-то и долговите се однесуваат на бизнисите што се наоѓаат во областите каде што со одлука на владата се во прекин над 10 дена економските активности, а паралелно ќе се формира механизам за следење за, доколку е потребно, да има навремена интервенција.
Последниот столб иницијативи од Министерството за финансии на Грција се однесува на активности на европско ниво, кои би можеле да донесат и втор пакет мерки за земјата.
Министерот за труд и социјални работи на Грција, Јанис Вруцис, на прес конференцијата рече дека за следните три месеци (април, мај и јуни) се
одложува плаќањето на придонесите за здравствено и социјално осигурување и упати препорака до компаниите, доколку имаат можност да спроведат, телеконференциска работа, работа од дома преку интернет или промени на работното време во смени, за да се избегне пренатрупаност како на работните места, така и во јавниот превоз.
Првиот пакет мерки соопштен денеска, ќе стапи во сила откако владата ќе издаде соодветен законски акт.