Две години затвор за деканот Шуклев за мито

Професорите Бобек Шуклев, Драги Јанев, Славе Ристевски и Драган Денковски се виновни, одлучи судот во случајот „Еразмус“. Првообвинетиот Шуклев доби казна затвор од две години за примање поткуп, објави „Макфакс“.

Обвинетиот Драги Јанев, за кој судот кажа дека исто како Шуклев барал сексуални услуги од студентки за да пише преодни оцени, осуден е на две години и шест месеци затвор. Професорот Славе Ристевски е исто така осуден на две години и шест месеци затвор. Условно осуден е и демонстраторот на Економскиот фекултет, Драган Денковски, кој бил посредник меѓу студентите и професорите.

Ослободен од обвинението е професорот Стојан Дебарлиев, кој судот го прогласи за невин. Професорите добија и забрана за вршење на дејност во траење од 10 години, а на Денковски во траење од пет години.

„Професорите ги прекршиле, не само кривичноправни норми, туку и морални и етички норми кои ги налага кодексот во образовниот процес. Овој суд утврди дека Бобек Шуклев преземал дејствија кои му се ставаат на товар, побарал 1000 евра за да напише две оцени, со цел студентот да ги положи испитите. Тоа е утвдено од материјалните докази и ПИ-мерките. Тој побарал од студентот да има сексуални услуги, заедно да престојуваат во ресторани надвор од државата, се со цел да му пише оценка. Тоа е утврдено од видео-материјалот, како и сведоштвото на осудениот Дејан Трајковиќ“, рече судот.

„Драги Јанев интервенирал кај своите колеги да извршат дејствија кои не смееле да ги извршат. Преземал дејствија за полагање на испити и барал сексуални услуги од студентот. Тој барал оценки кај Славе Ристески. Од видео-материјалите можеше да се види односнот на овој професор кон студентите. Професорот побарал поткуп за Математика за економисти за 600 евра, а студентот дал 500 евра на сведокот Дејан Трајковиќ. Преку обвинетиот Драган Денковски побарал 800 евра за полагање на уште еден испит. Судот утврди дека се работи за добро разработен план и шема, разработен од професорот. На посочените студенти УЦП 01 и УЦП 02 им напишал 6-ки, иако тие немале потребно знаење за да го положат. Драган Денковски бил посредник, преку кои професорите земале подароци, парични средства, за да напишат преодни оцени на студентите кои не покажале доволно знаење. Дејствијата на извршување на овој обвинет, произлегуваат и од сведочењето на Дејан Трајковски кој јасно опиша како ги предавал парите. Во однос на Стојан Дебарлиев, судот не најде дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар, додаде судот.

Обвинителството ги гонеше професори Бобек Шуклев и Славе Ристески се товарат за сторено кривично дело – примање поткуп, лицето Драги Јанев се обвинува дека сторило кривично дело – примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание од Кривичниот законик. Обвинетит Стојан Дебарлиев се товареше за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од Кривичниот законик, но беше прогласен за невин. Со обвинителниот акт се обвинуваше и лицето Драган Денковски, кој бил демонстратор на факултетот, за сторени три кривични дела – давање поткуп.

Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а според обвинението, случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија.

Треба да знаете
Последни објави