Почитувани претседатели и претставници на политичките партии од Коалицијата вечерва овде присутни со нас.
Почитувани делегати, почитувани гости, почитувани граѓани,
Добредојдовте на 24 Конгрес на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.
Добредојдовте на Конгресот на нашата партија предводник на промените, партија која го унапредува политичкиот плурализам, партија на прогресот во Северна Македонија, партија која работи за сигурна македонска иднина.
Денес, СДСМ и сите ние кои сме дел од неа ги продолжуваме одговорните и државотворни политики што водат напред, кон интеграција, кон развој, кон подобра иднина на сите граѓани.
Две и пол години СДСМ ја предводи власта. Две и пол години државата, општеството напредуваат во секое поле.
Правиме пресврт на подобро.
Во 2016 најавивме концепт со кој парите ги враќаме назад кај граѓаните.
Денес, тој концепт е целосно исполнет.
– Укината е радиодифузната такса.
– Воведовме евтина тарифа на струјата за помали сметки во семејствата.
– Ги намаливме трошоците за катастар, за адвокатски, нотарски и извршителски услуги.
– Сериозно ги намаливме и казните за физичките лица.
– За 300 отсто ја зголемивме социјалната помош, го проширивме опфатот на детски и образовен додаток, а воведовме и социјална пензија.
– Субвенциите за земјоделците ги зголемивме и ги исплаќаме навремено, а 55.000 земјоделци набавуваат нафта за 30 отсто поевтина.
– Над 8,5 милиони евра враќаме директно на сметките на граѓаните преку мерката мој ДДВ.
Но освен намалување на трошоците, сериозно бевме посветени на раст на сите плати и пензии.
Ветивме просечна плата од 30.000 денари за цел четиригодишен мандат. Денес, само по две и пол години таа е близу 27.000 денари. Ветивме минимална плата од 16.000 денари за цел мандат. Денес,после две и пол години таа е 14.500 денари.
Пензиите годинава пораснаа за рекордни 722 денари, а со усогласувањата ќе пораснат и до 900 денари до крајот на годината. За две и пол години вкупното покачување на пензиите е поголемо од 1740 денари.
Нашите успешни економски политики се препознаени и потврдени преку сите економски параметри.
Последен доказ е растот на БДП од 3,6 отсто за 2019 година што е повеќе од проектираните за истата година 3,5 отсто.
Да потсетам, пред нецели три години, државата ја затекнавме во финансиски колапс, БДП беше минус 1,8 отсто.
Стапката на невработеност ја донесовме на историски минимум од 16,6 отсто, расте извозот, расте и индустриското производство.
Сето ова го постигнавме додека решававме децениски, тешки прашања. Сите добро знаеме, го исправивме патот напред за нашата татковина. Кревавме плати додека ја враќавме слободата. Нема веќе страв. Нема медиуми под диктат. Нема газење врз луѓето. Напротив, има вложување во луѓето. Парите одат кај народот, а не во стиропор фасади, жални врби и галии.
Државата од изолација и стагнација ја донесовме на патот на евроинтеграциите.
Денес, нашата убава земја, Северна Македонија, е 30 земја членка на НАТО, и на чекор пред започнување на преговори со ЕУ.
Од држава скарана со сите соседи, денес сме држава пријател со целиот регионот и со светот.
Во некои сегменти остана уште многу работа.
Еден од нив е правосудството.
Сериозни чекори презедовме за да спроведеме реформи што треба да го зајакнат капацитетот на правната држава.
Требаше време, но по серија реформски закони, конечно донесовме нов, ефикасен и современ Закон за Јавно обвинителство. Предметите ќе имаат завршница. Политичарите остануваат настрана од обвинителите и судиите. Нема скриени амнестии. На некого ова секако не му се допаѓаше, но оние кои се за правда надгласаа со две третини во Собранието.
Сега правосудството е на ред да испорача правда без да се соочува со било какви политички притисоци или било какви други притисоци.
Тоа не е само мое или ваше очекување. Тоа е очекување на сите граѓани, на сите наши пријатели и сојузници.
Затоа и во следниот период ќе работиме на поддршка на судството да делува независно, неселективно и професионално.
Сето ова ја покажува нашата посветеност, нашата заложба за градење општество кое е препознаено како фер, праведно, солидарно и економски стабилно.
Нашите политики се признаени и препознаени. Затоа СДСМ секојдневно расте. Затоа коалицијата предводена од СДСМ се зголемува со нови политички партии кои се спремни да работат заедно со нас во унапредувањето на животот на сите граѓани.
Затоа денес СДСМ ја предводи најголемата, најразноликата и најсилната коалиција која е апсолутен фаворит на изборите на 12 април. Коалиција која што ќе победи!
Почитувани,
Направивме многу во изминатите две и пол години. И сега е време да се обврземе на нови цели, пред граѓаните и пред себеси.
На толку остварени резултати, денес пред целата македонска јавност, со крената глава одговорно кажуваме дека:
Можеме! Уште повеќе и уште подобро!
Можеме! Бидејќи знаеме и умееме.
Затоа денес ви ја претставувам нашата програма со која излегуваме на изборите, Програма за работа на идната влада за следните четири години.
Овој Документ е понудата со која излегуваме пред граѓаните и бараме поддршка за да продолжиме напред по исправниот пат – напред со уште поголем мотив, со уште поголема сила, со уште повеќе мерки за подобар живот на нашиот народ.
Ова е програма која нуди позитивна трансформација за нашето заедничко општество. Ова е понуда која обезбедува уште посилен економски раст, уште поодговорни институции, уште понагласен напредок, ова се мерки кои обезбедуваат ред, правда и дисциплина.
Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија. Зелена, еколошка, дигитализирана, иновативна држава која има што да им понуди на своите млади.
Секој столб на оваа програма нуди промена на уште подобро. Секоја мерка e важна за нашата европска иднина, но уште поважна за секој од нас, за нашите граѓани, за нашите деца, за нашите институции.
Развиваме држава за достоинствен живот. Држава со пристојна живеачка за сите. Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Плата од која останува и за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат. Држава која младите ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро.
Расчистуваме целосно со груевизмот и неговите остатоци во судството. Сета сила и енергија ја вложуваме во воведување ред, еднаш и засекогаш. Правиме држава во која виновните се казнуваат, а праведните напредуваат. Ако можевме да обезбедиме праведна и правична социјална држава, гарантирам дека МОЖЕМЕ и ЌЕ обезбедиме и правна држава.
Ние сме НАТО. Ја обезбедивме иднината на нашата татковина. Денес сме стабилни и безбедни. Не сме повеќе сами, дел сме од голем сојуз кој не штити и во кој ни се слуша гласот. Европеизацијата ни носи ред, дисциплина, промена и иднина. Ја носиме Европа дома. МОЖЕМЕ, уште повеќе, уште подобро, бидејќи знаеме и умееме.
Преземаме храбри чекори за заштита на природата. Си ги чистиме земјата, водата и воздухот од негрижата. Бидејќи влогот во еколошката одржливост е влог во иднината. Го менуваме загадувањето со сончева енергија и гас. Тоа и го знаеме и го можеме.
Исто како што можеме да станеме балканска ѕвезда – водилка на дигитализацијата. Градиме дигитална инфраструктура што ќе ни ја вивне државата меѓу конкурентните, модерните. Време е за нова револуција, дигитална револуција. Ги штедиме времето и парите на граѓаните со тоа што ги праќаме шалтерите во историјата.
Создаваме средина во која младите ќе го јакнат претприемачкиот дух, иновациите и креативноста. Држава која поттикнува користење на таленти и вештините за подобрување на општеството. Тоа го можеме!
Почитувани граѓани,
Политиките што носат нови работни места, поголеми плати и повисок животен стандард остануваат наш приоритет.
Затоа и првиот столб на нашата програма е економијата.
100.000 нови работни места и голем раст на сите плати! Тоа е нашиот прв столб.
Ако за само две и пол години успеавме да отвориме над 67.000 конкретни, видливи нови работни места, само ние можеме и знаеме за мандат од четири години да отвориме 100.000 работни места.
Тоа ќе придонесе стапката на невработеност да падне уште повеќе. Денес тој процент е 16,6. Наша заложба е до 2024 да се намали за повеќе од двојно и да го донесеме под 8 отсто.
Нема да престанеме со заложбите за раст на платите во сите сектори, за сите граѓани.
Минимална плата од 300 евра и просечна плата од 600 евра до крајот на следниот мандат.
Тоа е нашата понуда до граѓаните. Покажавме дека со СДСМ платите растат повеќе и побрзо. Но, знаеме, можеме и ќе обезбедиме да растат уште повеќе, за уште подобро за граѓаните.
Пензиите ќе пораснат 21% и тоа 6% во 2021, 7% во 2022 и 8% во 2023 година. Минималната пензија ќе порасне од 8.000 на 10.700 денари.
До 2024 година ќе обезбедиме бесплатна „зелена” нафта за сите земјоделци.
Ќе обезбедиме двојно повеќе пари за поврат на персонален данок за земјоделците.
Ќе изградиме 260 км автопати. 300 км експресни патишта. Ќе изградиме 950 км локални патишта. Рехабилитации на 1500 км постоечки патни правци.
Изградба на нови 500 километри водоводи и канализации низ Северна Македонија. Ова се реални бројки во реална програма, покажавме дека можеме, можеме уште повеќе и уште подобро.
Почитувани,
СДСМ во две и пол години покажа што значи вистинска грижа за сите граѓани и таа продолжува уште повеќе.
До крајот на новиот мандат, социјалната помош која сега е поголема за 300%, ќе ја примаат 34.000 домаќинства како гарантирана минимална помош, а 65 000 деца ќе примаат детски додаток.
До 2024 година, со предучилишно образование ќе опфатиме 60% од децата на возраст од 3 до 6 години.
10.000 деца ќе добијат современи услови за квалитетен раст и развој.
Ќе ги ослободиме од плаќање партиципација за градинка сите деца од семејствата со ниски приходи.
Градиме систем кој обезбедува надминување на пречките за лицата со попреченост.
Додатоците за сите права за попреченост ги зголемуваме за 15% уште догодина 2021 година.
Се обврзуваме, до 2024 година да нема да има ниту една јавна институција без пристапна рампа на својот влез.
Во следниот мандат ќе изградиме 777 социјални станови, за да им помогнеме на најранливите семејства.
По примерот на студентскиот дом Гоце Делчев, до 2024 година ќе ги реконструираме сите студентски домови и двојно ќе го подобриме квалитетот на исхраната.
Воведуваме задолжително овошје и зеленчук во сите основни и средни училишта.
Отвораме младински центри во сите 80 општини.
Скопје добива нов клинички центар. Охрид, Тетово, Штип и Струмица добиваат модерни регионални здравствени центри. Ја прошируваме позитивната листа на лекови, лековите на рецепт достапни во секој дел од месецот, во секое населено место.
Почитувани присутни,
Фер и праведно општество не е можно без силно, независно правосудство и без професионални институции.
Време е за ред, дисциплина и правда!
Следува прочистување во правосудството!
Судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам.
Започнува детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители.
Ќе се врши темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.
Ако за две и пол години донесовме правичност, ќе донесеме и правда и одговорност.
Затоа што тоа е важно за нас, за граѓаните, а важно е и за нашите аспирации за влез во ЕУ.
Посветеноста на реформите, на процесот на евроинтеграција продолжува уште повеќе и уште подобро.
Влеговме во НАТО – А можеме и во ЕУ!
СДСМ успеа да ја внесе државата во НАТО, во најголемиот безбедносен сојуз во светот. Тоа значи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој, затоа што добиваме пристап до пазар од 4 милијарди евра годишно.
Членството во НАТО е влезна карта за ЕУ.
Започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството на подобро.
До крајот на мандатот, до 2024 ќе отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Еј што доживеавме, да гарантираме 80% од поглавјата во преговорите со ЕУ. Преку преговорите отвораме пристап до европските фондови и обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија. Грант средства за дигање на севкупниот економски раст и развој на нашата земја и на нашиот народ.
Повеќе пари ќе има за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, за плати, за нови работни места, за поддршка на нови инвестиции и што ли уште не. Тоа се европски пари за европски стандарди дома.
Европските стандарди на живеење подразбираат здрава и чиста животна средина и чист воздух за сите.
На таа тема, ве повикувам сите да се кренеме во напорите да си ја исчистиме земјата. Сите за ЕКО држава!
Затоа што е важно, важно е за сите нас, за нашите деца, за нашата иднина, затоа се ставаме во функција на обезбедување чист воздух и здрава животна средина.
Следува строга контрола и високи казни за загадувачите!
Комунална полиција во секоја општина и 24-часовен надзор врз инспекциските служби.
Тројно повеќе еко инспектори. Тројно повисоки казни за фабриките кои немаат еко филтри. Двојно повисоки казни за граѓаните кои загадуваат на законски недозволив начин.
Помошта за нашите граѓани за современ и еколошки начин на загревање продолжува уште повеќе и уште подобро.
60.000 домаќинства ќе добијат бесплатен еко инвертер со цел забрана за употреба на фосилни горива. Обезбедуваме субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата.
Гасот пристигнува до семејствата, а данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила го укинуваме.
Сите, ама буквално сите сме одговорни за животната средина!
Затоа, воведуваме задолжителни часови по хигиена во основното образование, но и задолжително сепарирање на отпадот за домаќинствата.
Следуваат масовни акции за чистење и пошумување со ангажирање на институциите и граѓаните. Бидејќи знаеме дека можеме и повеќе и подобро.
Ова се, почитувани делегати, драги гости, петте столба на кои се темели нашата програма.
100 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА И ПОГОЛЕМ РАСТ НА СИТЕ ПЛАТИ- е првиот столб.
ГРИЖА ЗА СИТЕ- е вториот столб.
РЕД, ДИСЦИПЛИНА И ПРАВДА- е третиот столб.
СИТЕ ЗА ЕКО ДРЖАВА- е четвртиот столб.
НИЕ СМЕ ЗА НАТО. ОДИМЕ ВО ЕУ- е петтиот столб на изборната програма.
Ова драги пријатели и пријателки се само дел од мерките и политиките што ги градевме со граѓаните, со синдикатите, со граѓанскиот сектор, со целните групи, со стопанските комори.
Ова се мерки и решенија кои ги следат потребите на нашиот народ, а чија реализација ќе придонесе за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани.
СДСМ отсекогаш нудел напредни, модерни и државнички решенија. Така е и сега со оваа програма.
СДСМ со овој Конгрес и со оваа Програма уште еднаш ја потврдува разликата со ВМРО-ДПМНЕ.
Сите мерки и цела понуда која денес ја презентираме од оваа програма е понуда која ја носи земјата напред кон уште побрз развој.
И денеска уште еднаш покажуваме дека не сме и никогаш нема да бидеме исти со ВМРО-ДПМНЕ.
А таму, таму се е исто. Мрак, манипулација, враќање назад, минато и страв. Мицкоски и понатаму е извршител на Груевски. Тоа е партијата пред стечај, која брани криминали додека во неа се уште седат стари и познати ликови кои креираат мрачни политики.
Тие се против ЕУ и НАТО. Тие се фабрика за лажни вести.
Со своите криминални политики, крадејќи го народот ја донесоа државата на работ на сиромаштијата. Со години газеа врз сиромашните, врз работниците, врз пензионерите, стечајците. Тепаа студенти, уценуваа наставници, затвораа медиуми.
Денес, се уште го бранат криминалот на Груевски, се уште се против повисоки плати и пензии, противејќи се на напредокот кон ЕУ и НАТО. Епа за таквите нема гласови, нема поддршка, нема иднина. Нека си седат во минатото. Друг избор за нив нема. Ние одиме напред, можеме уште повеќе – уште подобро.
И затоа самиот Христијан Мицкоски знае дека го чека пораз на 12 април.
Затоа побегна од изборно соочување со мене, побегна од Изборната единица 4, побегна од пратеничките листи на неговата партија.
Се плаши да се соочи со граѓаните, се плаши да се соочи со мене. Бега, исто како неговиот шеф.
Но, за овој кукавички потег на Мицкоски граѓаните ќе му го дадат одговорот на 12 април.
Можеш Мицкоски да бегаш од изборните листи, можеш да бегаш од соочување со мене, знаеш дека ќе изгубиш, но од волјата на граѓаните и од правдата нема да избегаш!
Почитувани,
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат одбрана на криминал, лажни вести и стара режимска матрица. Ние имаме визија, работа и резултати. Тие се за полошо, ние сме за подобро. Тие се за назад, ние сме на напред. Тие се за мрачно минато. Ние сме за сигурна иднина. Тие не можат, не знаат, не умеат за подобро.
Ние можеме – уште повеќе и уште подобро!
Ние го имаме ова – решенија за сите граѓани, решенија за иднината.
Ова се заложби и вредности за кои за прв пат се обединија сите етнички заедници. Околу ова се обединивме сите, ова е програмата. За прв пат имаме позитивен политички пресврт во нашата земја. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други застануваме ЗАЕДНО зад Програмата која носи промени на уште подобро.
Ова е чесен, домаќински и одговорен пристап, препознаен, автентичен, македонски модел за напредок – затоа различните политички субјекти и заедници се приклучија кон коалицијата што ние ја предводиме.