Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во Велес се обрати на неформалниот собир на учесниците на третиот Тинк Тенк форум „Стимулирање на стратешка автономија – Придонесот на Западен Балкан за заедничката европска иднина”, што од 8 до 10 март се одржува во Скопје.
На собирот, на кој присуствуваше и министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, претседателот Пендаровски изрази поддршка за активностите на тинк-тенк организациите од Западен Балкан и нивните напори да го движат регионот напред.
Според претседателот Пендаровски, покрај исполнувањето на реформската агенда во функција на евроинтегративниот процес, дојдено е време кога државите од регионот треба да дадат придонес и за заедничките европски политики и стратегии.
На собирот, претседателот Пендаровски го нагласи значењето на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, како за земјите-потписнички, така и за целиот регион. Двата договори, според претседателот Пендаровски се силен придонес за иднината на регионот.
Европската интеграција, според претседателот Пендаровски, почнува од нас самите, преку почитување на европските вредности, борбата против корупцијата, владеењето на правото, слободата на говор и демократијата.
Претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето дека наскоро ќе биде донесена новата методологија за водење на пристапните преговори и ќе биде донесена одлука за почетокот на пристапните преговори за членство со ЕУ.
Ние, рече претседателот Пендаровски, не заслужуваме било какви понатамошни одложувања. Секое следно одложување може да доведе до значителен пад на евроентузиамот во државата, рече претседателот Пендаровски.
На учесниците на Тинк Тенк форумот, организиран од Институт за демократија „Социетас Цивилис” и Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија, и ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година, претседателот Пендаровски им посака успешна работа и продуктивна дебата.