Адам Кастијело од Лондон е вториот човек во светот што е излекуван од ХИВ. Како што е објавено во научниот магазин „Лансет ХИВ“, Кастијело по повеќе од 30 месеци по прекинувањето на антивирусната терапија, и натаму го нема во својот организам тој опасен вирус, кој со децении однесе многу животи.
Но, Кастијело не е излекуван благодарение на лековите против ХИВ, туку со терапија со матични клетки, кои ги добивал зашто истовремено боледувал и од рак.
Донаторите на тие матични клетки имаат невообичаен ген кој им дава заштита против ХИВ, па така нивните клетки го заштитиле и 40-годишниот Адам, кој одлучил да го открие својот идентитет бидејќи сака да стане амбасадор на надежта“.
Првиот човек излекуван од ХИВ е Тимоти Браун, познат како берлински пациент. Тој беше излекуван во 2011 година, три и пол години по поминувањето низ слична терапија.
Трансплантираните матични клетки отпорни на ХИВ се чини дека ја затвораат можноста на вирусот да се реплицира во организмот.