Зоран Трајковски, вработен во МВР, кој според „бомбите“ пред петкратното убиство кај Смилковско Езеро дало информации во безбедносните служби дека нешто може да се случи за време на Велигденските празници денеска сведочеше на судењето за случајот “Монструм”.
Во периодот на убиството тој бил вработен во полициската станица Драчево, но рече дека одржувал контакти со извори кои ги стекнал во текот на неговата кариера. Тој истакна дека од обвинетите го познава само Хаки Азити и тоа од притвор, бидејќи и самиот тој беше обвинет, но во случајот “Ровер”, за што неодамна доби ослободителна пресуда.
Сведокот појасни дека од 1992 година е вработен во МВР (поранешен началник на Секторот за оперативно изведување 1998-2003 година), а кога се случи петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, бил дежурен полицаец во полициска станица Драчево. Убиството се случи во четврток, а тој во сабота или недела бил на лице место, ангажиран за обезбедување на местото.
Овој сведок е повикан од обвинителството бидејќи претходно беа објавени негови нелегални прислушувани разговори со други лица во кои кажува дека пред петкратното убиство имал информации дека околу Велигденските разговори ќе се случи инцидент.
На прашање на обвинителот Гаврил Бубевски, дали имал информации за настанот што следел, односно за петкратното убиство, тој рече “Да”.
-Наколку месеци пред настанот, 40-50 дена, добив податок дека во Липковскиот регион повторно се појавиле униформирани паравоени формации. Претходните го имале знакот на УЧК, а сега имале со знакот на Илирида. Контактирав со Никола Спасовски тогашен начлник во СВР Скопје, како и со Синиша Алексовски, рече сведокот.
Тој појасни дека со Алексовски биле и до Куманово.
-Со Синиша бевме во Куманово, ме зема со службено возило. Разговаравме, Синиша сакаше да ги виде тие паравоени формации, но се откажа, па се вративме назад. Причините, зошто, како, не знам. Тој одлучуваше. Пред настанот барав средба со Сашо Мијалков и Љупчо Тодоровски, но не знам од кои причини, не ме повикаа, рече сведокот.
Тој кажа дека за овие податоци контактирал со пратеникот Васил Пишев, кој го поврзал со пратеникот Веле Ѓорѓиев. Во својот исказ сведокот посочи дека пратеникот Ѓорѓиев бил фрапиран од тие информации и му кажал дека ќе контактира некој функционер од Военото разузнавање.
– После неколку часа ми се јавија и дојдоа во ПС Драчево. Ме земаа со службено возило и отидовме во просторите на Военото разузнавање – Г2. На оваа средба им кажав се што знам за безбедноста состојба и наведените информации, истакна Трајковски.
После состанокот во Г2, утредента сведокот Трајковски, бил повикан на разговор и од својот командир во ПС – Драчево, кого го информирал за разговорот и истиот побарал да напише службена белешка, воедно и оперативна информација. За сето ова сведокот наведе дека го информирал и Никола Младенов, сопственикот на „Фокус”, со кого имал пријателски односи. На таа средба присуствувал и новинарот Бранко Геровски, односно по негова препорака тој остварил средба со новинарот Влатко Стојановски кого го брифирал за неговите сознанија за паравоените информации.
Сведокот Зоран Трајковски, исто така наведе дека информациите за можни инциденти пред Велигденските празници добил од два извори од лица од албанска националност, од кои едниот бил од Косово, а другиот од Скопје.
-После овој настан, некаде на средина на април, заменик-командирот на ПС – Драчево, ме викна да се појавам во базата. Кога отидов во неговата канцеларија беа присутни и две други лица кои не ги познавав. Тие ми кажа дека ќе прошетаме малце за средбата што сум ја барал со директорите. Ме разружаа, ми кажа да ја оставам значката. После тоа се качивме на возило. Отидовме во зградата на Петата Управа. Таму останав не по своја волја од 08:30 и 19:20. Минимум шест саата ме прашуваа за „Монструм”. Ме праша зошто сум бил во Воено разузнавање. Им кажав дека сум барал прием кај нив и дека не ме прифатиле. Секој пола час излегуваа и се враќаа со ливчиња и поставуваа прашања, изјави Трајковски.
Следното рочиште за „Монструм”, e закажено за 16 април, за кога е предвидено да сведочат последните двајца сведоци предложени од обвинителите.