Судот одби да го одложи судењето на Нетанјаху

– Окружниот суд во Ерусалим го отфрли денеска барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да му се одложи почетокот на судењето за корупција, нагласувајќи дека тоа ќе почне според планот следната недела.

Адвокатите на Нетанјаху побараа одложување на судењето со образложение дека им е потребно повеќе време за собирање на сите докази, а државното обвинителство соопшти дека е против секакво одложување и судот го прифати таквиот став.

Во судското образложение се наведува дека првото рочиште е закажано за 17 март само за читање на обинението и не е потребен одговор на одбраната, затоа нема причина да се одложи судењето.

Нетанјаху се товари за измама, изигрување на довербата и примање поткуп, а вмешан е и во повеќе скандали кои вклучуваат прифаќање скапи подароци од богати пријатели и нудење размена на услуги со моќни медиумски тајкуни.

Тој ги отфрли сите обвинувања, објаснувајќи дека е жртва на медиумски оркестриран „лов на вештерки”.

Треба да знаете
Последни објави