Косовскиот премиер Албин Курти не верува дека американските трупи во рамките на меѓународните сили во Косово КФОР ќе се повлечат од земјата, но смета дека, и доколку се случи нешто такво, тоа нема да биде поради неукинувањето на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.
По синоќешниот собир во Подујево, во рамки на кампањата за вонредните градоначалнички избори во тој град, Курти ја искоментира пораката на американскиот сенатор Дејвид Пердју дека САД треба да размислат за повлекувае на своите трупи од Косово, доколку Приштина не се покаже кооперативна во однос на нивните барања за укинување на санкциите кон Србија.
Пораката на Пердју, меѓу другите, ја поддржа синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп Јуниор, што Курти го протолкува како „само една желба на синот на претседателот на САД”.
– Јас не мислам дека американскиот КФОР треба да се повлече од Косово, напротив. И верувам дека нема да се повлече. Ова го гледам како една желба на синот на претседателот на САД, но тоа нема врска со таксата од 100 отсто. Доколку таа желба и стане одлука на американскиот претседател, повторно тоа нема врска со таксата. Има врска со редуцирањето на трупите, нешто што САД го прави и во Авганистан и во Сирија, изјави Курти.
Сепак, вели тој, Косово е за силно партнерство и сојузништво со Вашингтон и смета дека „САД треба да останат во сите нивни државни форми во Косово – со амбасада, економија, култура и со одбрана”.
Косовскиот премиер вели дека неговата влада ќе ја укине таксата на српскиот увоз, но тоа ќе го стори постепено, заменувајќи ја со економски, трговски и политички реципроцитет кон Белград, што исто така ќе се воведува постепено.
– Убедени сме дека тоа е вистинскиот пат напред и најрационалното и најкорисно решение за нашата земја, изјави Курти.
Косовкиот премиер минатата недела објави дека од 15 март ќе се укине таксата, воведена во ноември 2018 година, на увозот на суровини од Србија и БиХ, а за натамошните мерки ќе се чека реакцијата на официјален Белград.
Доколку Србија го смени односот, односно престане со кампањата против косовската неазвисност, на 1 април таксата целосно ќе се укине за наредните 90 дена, а во меѓувреме ќе се воведува, првин трговски, а потоа и економски и политички реципроцитет кон соседната држава. Доколку, пак, српските власти продолжат со агресивниот однос кон Косово, тогаш од 15 јуни Курти порача дека ќе ја врати состојбата која ја затекна кога ја презеде премиерската функција, на 3 февруари годинава.
На делумното укинување на санкциите кон Србија и БиХ се спротивстави официјален Вашингтон, кој преку пратеникот на претседателот Трамп за преговорите Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел, порача оти од Курти се очекува целосно и без условувања да ја укине таксата. Ова барање на Американците го поддржува и претседателот на Косово Хашим Тачи, како и коалициониот партнер во Владата на Курти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК). и